Министерката Канческа-Милевска оствари средба со делегација од Турската Влада

Mинистерката Елизабета Канческа-Милевска денеска во просториите на Министерството за култура оствари средба со делегација од Република Турција предводена од директорот на Генералниот директорат на Вакафи, Аднан Ертем …

На средбата на која присуствуваше и државниот секретар Бехиџудин Шехаби, беше потенцирано дека двете земји имаат традиционално одлична соработка која ги опфаќа сите сегменти од културата. Канческа-Милевска подвлече дека во рамките на досегашната успешна соработка реализирани се повеќе проекти во областа на заштитата на културното наследство, меѓу кои обновата на родната куќа на родителите на Ататурк во Коџаџик, Спомен-собата на Мустафа Кемал Ататурк во Битола, Мустафа Пашината Џамија, Исхакија џамија во Скопје, Исхакија џамија во Битола и др. Таа додаде дека од особено значење е и соработката меѓу институциите, како и размена и учество на уметниците од двете земји на значајни културни манифестации во Македонија и во Турција. Канческа-Милевска подвлече дека во Програмата на Владата на Република Македонија застапени се и повеќе проекти за унапредување и дејствувањето на турската заедница во Република Македонија, а еден од нив е и проектот за изградба на нов Турски театар, со чијашто изведба турската заедница ќе добие нова театарска зграда изградена според сите светски стандарди. Министерката изрази и голема благодарност по повод вредната донација на Турската Влада, репликата на саркофагот на Александар Македонски, која е сместена во Археолошкиот музеј на Македонија.

Директорот Ертем на средбата истакна дека добрата соработка во областа на културата ќе продолжи и во иднина преку реализација на уште многу проекти меѓу двете земји особено во областа на заштитата на културното наследство што ќе биде потврдено и со потпишување на Протоколот за соработка и реализација на активности за конзервација и реставрација на османлиското културно наследство во Република Македонија. Во тој контекст тој додаде дека Директоратот на Вакафи како надлежна институција од областа на конзервацијата во Република Турција, во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Битола, веќе успешно го реализираше проектот за заштита на Хајдар Кади џамијата во Битола.

На крајот двајцата соговорници изразија уверување дека пријателските односи и соработката во областа на културата меѓу двете земји ќе продолжат да се засилуваат и да се продлабочуваат со уште понагласена динамика.