Атрактивноста на проектот „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“ не се намалува. Граѓаните и понатаму се искчучително заинтересирани и ја користат оваа мерка која овозможува по многу поволни услови да го решат своето станбено прашање.
„Нам ни е големо задоволство што бројката стигна до речиси 1000 семејства кои што го остварија своето право на сопствен дом, користејќи го проектот „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа купи стан“. Тоа е една значителна бројка. Проектите продолжуваат и понатаму“, информира државниот секретар Игор Димитриев.
Во моментов како што информира Димитриев, особено се фокусирани на проектот „Купи куќа за млади“.
„До сега имаме одобрено 24 кредити за краток период и со оглед на тоа што станува збор за купување на куќи. Сметаме дека и во тој поглед се прават значителни чекори за зголемување на бројот на апликациите и за одобрените кредити. Во овој период искористивме прилика да разговараме и со деловните банки кои што се соработници на министерството за финансии за овие проекти и разменивме искуства од досеганото реализирање на проектите и заеднички продолжуваме да ги реализираме но и да ги надградуваме“, појасни Димитриев.
Проектот „Купи куќа за млади“ е проект со големи бенефиции за оние кои ќе го искористат.
„Практично субвенција на кредит од 50.000 евра до 33.000 евра, така што за овој проект интересот е најголем. Правото за овој проект може да го искористат лица до 35 години. Разменивме информации со градежните компании,ги разгледавме понудите за готови куќи, со општините држиме редовни координативни состаноци со што ја зголемуваме понудата на градежни парцели и плацеви,“ вели Димитриев.
Проектите „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа купи стан“ ќе продолжат да се реализираат и понатаму. Граѓаните може да се информираат за условите за искористување на оваа мерка на страницата на КУПИ КУЌА КУПИ СТАН или во една од канцелариите низ 33-те општини во државата.