ВМРО-ДПМНЕ: Самото присуство на Заев во Охрид е доказ дека СДСМ и раководството немаат ни трошка совест и скрупули

Во врска со денешната посета на претседателот на СДСМ, Зоран Заев во Охрид, Општински комитет на ВМРО – ДПМНЕ Охрид испрати соопштение во кое стои:

„Денеска во посета на Охрид беше осомничениот криминалец Зоран Заев. Се надеваме дека посетата на познат и осомничен криминалец, човек кој отворено кажува дека соработува со странски служби за подривање на стабилноста на сопствената држава и предавник на државните интереси нема да наштети за една од најуспешните туристички сезони која Охрид и Охриѓани ја виделе.

Се заблагодаруваме за пофалбите што Зоран Заев ги упати за тоа што е направено во Охрид, со една забелешка за периодот на развој на Охрид. Тоа што Заев го виде и го пофали е изградено во последните 2 години, кога општината и локалната самоуправа беа ослободени од криминалните стеги на социјалдемократите и нивниот градоначалник и осомничен криминалец Александар Петрески. Претпоставуваме дека Зоран Заев и неговиот туристички водич Томислав Тунтев си размениле искуства за криминално владеење, корупција и злоупотреба на службената должност како функционери во локалните самоуправи. Знаеме дека барем за тоа имаат доволно искуство.

Исто така се заблагодаруваме на Зоран Заев што од збор до збор ја прераскажа комплетната програма на ВМРО – ДПМНЕ за Охрид. Доаѓајќи до Охрид Заев ја видел најголемата инфраструктурна инвестиција во Македонија во последните 30 години. Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ го вети и го остварува ветениот автопат Охрид – Кичево кој во следната фаза ќе биде поврзан со автопатот Гостивар – Скопје. Дополнително, се реновира патот Охрид – Ресен. Во почетна фаза на реализација е експресниот пат Охрид – Св. Наум. Асфалтирани и реновирани се најголемиот дел од големите сообраќајници во Охрид, изградена е и комплетно нова патна и водоводна инфраструктура во најголемиот дел од населбите во и околу Охрид. Може Заев само да замисли што се ќе беше изградено во Охрид ако не ги доживеевме оние мрачни и криминални осум години социјалдемократско владеење.

Се надеваме дека Томислав Тунтев го прошета Заев низ стариот дел на градот за Заев да ги разгледа новите фасади и реконструираните градби на најважните објекти од историска и културна важност. Дополнително, му препорачуваме на Заев да го посети Плаошник и новиот Светиклиментов Универзитет за да види како изгледа кога некој е посветен во обнова и изградба на она што му е најмило и најсвето – сопствениот дом и град.

На патот до Пештани Заев сигурно поминал и покрај спортскиот центар каде веќе е во тек изградбата на новиот затворен пливачки базен, долго чекана инвестиција за Охрид која ВМРО – ДПМНЕ ја вети и ја остварува. Во Пештани ја видел новата амбуланта и новото шеталиште што го краси пештанското крајбрежје.

Самото присуство на Заев во Охрид е доказ дека СДСМ и раководството немаат ни трошка совест и скрупули. Бараме јавно да се извинат за тоа што му го направија на Охрид во осум години раскалашено и мафијашко владеење и ги замолуваме да не ја читаат програмата на ВМРО – ДПМНЕ за Охрид и да ја презентираат како своја. Дури тие одлучат да излезат на избори, програмата веќе ќе биде реализирана.

Го замолуваме Зоран Заев да не доаѓа во Охрид во текот на туристичката сезона. Неговото присуство во Охрид може да има негативни последици по туризмот.

Народот е мудар и паметен. Народот одлучува. Народот е со ВМРО – ДПМНЕ! Доаѓа народната казна!“– стои во соопштението.