Рекордни 808 888 патници се превезени на двата македонски аеродроми во првите 6 месеци од годинава што претставува зголемување за истиот период лани од околу 27%, кога беа превезени во првите шест месеци 637 683 патници.
На аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, во периодот од јануари – јуни 2016 година регистрирани се вкупно 759 244 патници што во споредба со истиот период од минатата година кога биле превезени 610 511 патници, се забележува зголемување од над 24 %, додека пак на аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид во првите шест месеци годинава, превезени се 49 644 патници, што во споредба со истиот период од 2015 година кога биле превезени 27 172 патници, се бележи зголемување од над 82 %.
Позитивниот тренд на континуирано зголемување на бројот на патниците на македонските аеродроми и постојаното воспоставување на нови рекорди во овој сегмент во авио сообраќајот, според Владата се должи на целокупен сет на проекти и мерки кои се превземаа изминатиов период од институциите и кои секоја година резултираат со нови позитивни резултати.
„Зголемениот број на патници е добар момент од општествен и од економски аспекти. Тоа е резултат на добро осмислена и реализирана владина стратегија која првенствено се огледа преку изградбата на аеродромската инфраструктура, концесионирањето на македонските аеродроми и стопанисувањето со истите од страна на квалитетен субјект кој има длабок бекграунд во областа во која работа. Секако и на субвенциите кои ги даваме за реализација на евтините авиолетови дп 23 европски дестинации кои обезбедуваат мобилност за македонските граѓани и прилив на гости од страна во Република Македонија. Тука е и субвенционирање за привлекување на странски туристи во Република Македонија кои имаат значителен дел во бројот на овие патници кои циркулираат. Зголемиот број на патници директно поддржува развој на поголем број на сектори како транспортот, угостителството, туризмот и останатите гранки кои имаат корелација со нив. Имајќи во предвид дека ние имаме петгодишен договор кој трае до 2018 година со Виз-ер за реализација на евтините авио линии, како и тоа дека паралелно работиме на воспоставување на други комерцијални летови, очекуваме дека овој позитивен тренд ќе продолжи и во иднина“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Позитивниот тренд на раст на бројот на превезени патници на скопскиот и охридскиот аеродром изминатите години е огромен. Па така според податоците истиот бележи огромен пораст. Во првите 6 месеци во 2009 година, пред да се изградат новите аеродроми, бројот на превезени патници изнесуваше 270 249, во 2011 – 337.888, во 2012 – 400.188, во 2013 – 469 006 за да во 2015 на двата аеродроми во првите шест месеци бидат превезени 637 683 патници.
Од Владата истакнуваат дека дополнителна важност за туризмот е и фактот што само во месец јуни вкупниот број на патници е зголемен за 22% за разлика од јуни во 2015 година како и тоа што овие 6 месеци за околу 20 илјади е зголемен бројот на патници на аеродромот во Охрид споредено со лани.
Паралелно со зголемувањето на бројот на превезените патници континуирано се зголемува и бројот на прелетите. Имено на двата аеродроми во првите шест месеци годинава се реализирани 7 758 прелети што претставува значително зголемување со оглед на фактот што во истиот период лани беа реализирани 6 739 прелети.
Најзастапени дестинации според бројот на патници за првите шест месеци годинава се: Истанбул 12,8%, Цирих 10,4%, Виена 5,7%, Малме 5,1%, Базел 5,1% и Лондон 4,6%.