Во рамки на програмата на фестивалот Охридско лето, вечерва во Црквата Св.Софија, во 21 часот ќе настапат Виолинистката Арета Зула и пијанистката Мерита Реџа Тершана, двете од Албанија.
На програмата ќе бидат изведени дела од Шнитке, Блох, Дебиси, Григ и Равел.
Арета Зула својата кариера ја започнува во Албанија, а набрзо потоа се појавува и на музичките сцени во останатите земји во Европа, Соединетите Американски Држави, Канада и Азија. Како солист и како камерен изведувач соработувала со голем број значајни оркестри, ансамбли, диригенти и изведувачи. Зула работи како професор, а често одржува и мајсторски курсеви во Албанија, но и надвор од неа.
Пијанистката Мерита Реџа Тершана е една од најактивните музички уметници во Албанија. Во текот на својата кариера настапувала во повеќе земји во Европа, а значајни се и нејзините настапи на фестивалите. Нејзиниот репертоар опфаќа дела од пијанистичката литература кои датираат уште од времето на барокот, па сè до современата музика на XXI-виот век. На нејзините концерти често може да се слушне премиерна изведба на дела од албански композитори.