Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 28 септември, Меѓународниот ден на Бошњаците упати честитка до припадниците на Бошњачката заедница во Република Македонија.
„Почитувани сограѓани,
Во мое лично име и во името на сите граѓани на Република Македонија ви упатувам срдечни честитки по повод празникот со желба за натамошно успешно негување и развивање на бошњачката култура во земјава.
Спецификите и богатата бошњачка традиција сочувана до денес имаат исклучително значење во негувањето на меѓусебните односи кои се вредно наследство и за идните поколенија. Почитувањето на културните особености и различности ни овозможува подобро меѓусебно разбирање и развој на целокупните општествени односи.
Во оваа пригода сакам да ја истакнам личната поддршка во афирмирањето на културните вредности и негувањето на јазикот на припадниците на Бошњачката заедница, кои несомнено даваат исклучителен придонес во општествениот живот и во културната разноликост во нашата држава.
Почитувајќи ја вашата посебност и лојалност кон државата ви го честитам празникот со желби за благодат и заеднички развој.
Нека ви е честит големиот празник.“ – стои во честитката.