Вечерна богослужба на Плаошник по повод 1100 години од упокојувањето на „Свети Климент Охридски“

Дебарско – кичевската епархија ги известува своите православни верници дека утре, 8ми август ќе се служи празнична вечерна богослужба, во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник – Охрид, по повод јубилејниот празник 1100 години од упокојувањето на „Свети Климент Охридски“ со почеток во 19.00 часот, на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско кичевски г.Тимотеј.

На 9ти август (вторник) со почеток во 08.45 часот ќе се служи света архиерејска литургија на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско – кичевски г.Тимотеј.

Во рамките на издавачката установа „Канео“ при Дебарско – кичевската епархија, излезе во печат новата книга „Свети Климент Охридски“ хагиографија и химнографија, која ќе може да се најде низ сите парохиски цркви.

Дебарско – кичевската епархија ги повикува сите свои верници на помасовно заедничко прославување, на јубилејот 1100 години од блаженото упокојување на нашиот голем просветител и учител на сите словенски народи Свети Климент Охридски.