Свечена академија на МАНУ по повод 1100 години од упокојувањето на Св.Климент Охридски

Свечена академија по повод 1100-годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски, на Македонската академија на науките и уметностите под наслов „Корените на словенската цивилизација“, ќе се одржи вечерва, во 21 часот на Антички театар во Охрид, во рамките на „Охридско лето“. Академијата започнува со концерт на Македонската филхармонија под наслов „Песни од срцата“, под диригентство на маестро Борјан Цанев, каде што ќе настапат врвните оперски уметници Ана и Игор Дурловски.

На програмата ќе бидат изведени обработки на македонски духовни и народни песни од македонскиот композитор Сони Петровски.

Ана Дурловски се смета за еден од најмоќните женски вокали во Република Македонија, но и пошироко. Прекрасната боја, како и одличната гласовна техника која ја поседува Дурловски, ја носат на сцените на најголемите оперски куќи во светот. Добитник е на повеќе награди, како и на највисокото државно признание од областа на културата – титулата „Национален уметник на Република Македонија“ во 2015 година.

Ana-Durlovski-300x197 (1)

Игор Дурловски своето деби го доживува на 22 години, и оттогаш има остварено голем број водечки улоги на сцената на Македонската опера и балет, но и на светските сцени. Досега соработувал со голем број значајни оркестри во Европа, како што се Московската филхармонија, Белградската филхармонија, Три армонико трибуто (Three Armonico Tributo) од Австрија, Мусика Алта Рипа (Musica Alta Ripa) од Германија и многу други.

Маестро Борјан Цанев од 1999 година е редовен диригент на Македонската филхармонија, и заедно со овој оркестар досега има остварено голем број успешни концерти во Македонија и странство. Во неговата биографија се впишуваат и бројни настапи со водечки оркестри и реномирани солисти од целиот свет. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и значајната „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски автор.

BORJAN88-685x1024

Македонската филхармонија е формирана во 1944 година, непосредно по ослободувањето на градот Скопје. На диригентскиот пулт на оваа значајна национална институција застануваат повеќе врвни диригентски имиња, а на нејзиниот репертоар се нашле голем број значајни дела од светската музичка историја, како и дела од македонски композитори. За сите години на своето постоење, Македонската филхармонија е еден од главните двигатели на музичката култура во земјава, промотор на националното музичко творештво и амбасадор на македонската музичка уметност во светот.