Турскиот пијанист Фазил Сеј вечерва на Охридско лето

Денеска на програмата на „Охридско лето“ е уште еден извонреден солистички концерт со кој ќе се потврди ексклузивноста и квалитетот на Фестивалот. Во црквата „Света Софија“ солистички концерт ќе одржи турскиот пијанист Фазил Сеј.

Сеј ќе изведе дела од Јозеф Хајдн, Волфганг Амадеус Моцарт, Клод Дебиси, Џорџ Гершвин и дела компонирани од изведувачот.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот.

Со својот извонреден пијанистички талент, Фазил Сеј ги воодушевува слушателите ширум светот повеќе од 25 години. Главна улога на почетокот на неговата кариера одиграл турскиот пијанист, композитор и музички педагог Митхат Фенмен, кој пак бил ученик на познатиот швајцарско-француски пијанист и диригент Алфред Кортот. Од 1987 година наваму, своите пијанистички способности ги усовршува со американскиот пијанист Дејвид Левин.

Концертите на овој уметник ги опишуваат како поинакви од другите. Поотворени концерти, кои имаат подиректен контакт со публиката. Настапувал со водечките оркестри во Европа и Америка, а соработувал и со голем број истакнати диригенти. Покрај солистичката дејност, Сеј редовно настапува и како камерен музичар заедно со еминентни изведувачи, како што се виолинистот Максим Венгеров виолончелистот Николас Алстедт, квартетот „Борусан“ од Истанбул, а со години бил дел и од фантастично дуо, заедно со виолинистката Патриција Копатчинскаја.

Неговиот репертоар е разновиден – почнувајќи од делата на Бах, преку Виенските класичари и делата од романтизмот, сè до современата музика, вклучувајќи ги и композициите кои ги пишува тој.

Од 2005 до 2010 година, Сеј се наоѓа на местото матичен изведувач (artist in residence) во Dortmund Kozerthaus, во сезоната 2010/2011 истото место го држи во Berlin Konzerthaus, а во сезоната 2012/2013 во Hessischer Rundfunk во Франкфурт. Во 2014 година, повторно се наоѓа на местото матичен изведувач, но овој пат на Boodenseefestival, а оваа сезона истото место го држи во Alte Oper во Франкфурт. Често е присутен и на фестивали во Германија, Франција, Јапонија, Турција и многу други земји.

Не е помало значењето ни на композиторската дејност на Фазил Сеј. Досега тој има напишано повеќе дела, за разновидни состави – соло инструменти, камерни дела, како и дела за поголеми состави.

Снимил повеќе компакт дискови со дела од Бах, Моцарт, Бетовен, Гершвин и Стравински, кои се високо оценети од критиката и за кои има добиено неколку награди, меѓу кои и престижната „Echo Klassik“ награда (три пати). Во 2014 година издава компакт-диск со дела од германскиот композитор Лудвиг ван Бетовен – Концертот за пијано бр. 3 и Сонатите оп. 111 и „Месечевата“ оп. 27/ 2. Истата година го издава и компакт-дискот насловен „Сеј го свири Сеј“, каде што, како што кажува и самиот наслов, свири свои композиции.

FazilSay01_cMarcoBorggreve-Small-300x199