Македонија и Србија денеска се договорија фитосанитарните сертификати за увоз на пченицата да бидат со иста цена, а прашањето околу брашното ќе се решава на следната средба што ќе се одржи во Белград.
„Се договоривме дека ќе одиме на исти цени. Нашите информации се дека во Србија за еден ваков фитосанитарен сертификат се плаќа 8.550 денари, додека кај нас од 10.000 до 11.000 денари. Значи, поскап е за 1.500 до 2.000 денари. Се договоривме тоа да го провериме и колку е кај нив, толку ќе биде и кај нас“, изјави македонскиот министер за земјоделство Михаил Цветков по денешната средба со српскиот вицепремиер и министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ, кој е во посета на Македонија.
Во однос на брашното, министерот Цветков рече дека 95 проценти од вкупниот увоз на пченица и брашно е од Србија и оти проблем е евтиното увезено брашно чија најниска цена изнесува 10,5 денари, а пченицата увезена од Србија е со минимална цена од 9,5 денари.
„Ова прашање денеска не можеме да го решиме. Се договоривме да направиме тимови од двете страни и на следната посета кога ќе одиме во Србија ќе го решиме тоа“, истакна Цветков.
Договорен е и заеднички настап на трети пазари, а на средбата е разговарано и за проблемот со извозот на македонските месни производи во Србија.
„Имаме проблем со сертификатите од нивна страна и со министерот Љајиќ се договоривме да направиме контакт лица од двете страни, кои во случај на таков спор, тој проблем бргу да го решат“рече Цветков.
Според вицепремиерот Љајиќ, Македонија е многу значаен трговски партнер на Србија и информира дека во првите шест месеци имаат извозно трговско зголемување од 30 проценти.
„По се изгледа ова ќе биде рекордна година кога говориме во обемот на извозот и увозот од Македонија. Ние сакаме тој тренд да продолжи и она што е поентата на овој состанок е да ги отстраниме сите бариери кои се надвор од сите вонцарински пречки кои во минатото постоеја многу често и во Македонија и во Србија. Ќе ги изедначиме цените на фитосанитарните уверенија и во двете земји, но трајно решение е меѓусебно признавање на тие сертификати или уверенија кои во иднина би ги спречиле сите пречки што се случувале“, рече Љајиќ.