Вечерва, во рамки на програмата на „Охридско лето“ во црквата „Св. Софија“ во Охрид, концерт ќе одржи Државниот камерен оркестар „Академија за солисти”, со виолинистката Ајман Мусакајајева од Казахстан, а под диригентство на Хуан Карлос Ломонако од Мексико.
На програмата се дела на А. Вивалди/А. Пјацола, Г. Ф. Хендл.
Ајман Мусакајајева е еден од најзначајните претставници на виолинистичката школа на Казахстан. Постојано е активна на музичките сцени во светот, а на нејзиниот репертоар се наоѓаат дела од речиси сите епохи. Основач е на Државниот камерен оркестар „Солистичка академија“, со кој често настапува во Европа, Америка и Азија. Добитник е на повеќе награди на престижни интернационални натпревари, како и на повеќе признанија (People’s Artist, Honored Artist of the Republic of Uzbekistan, Artist for Peace од страна на УНЕСКО и други).
Државниот камерен оркестар „Солистичка академија“ е водечки ансамбл во Казахстан. Основан е во 1991 година од страна на виолинистката Ајман Мусакајајева. Членовите на овој ансамбл се виртуози на својот инструмент, лауреати на повеќе интернационални натпревари, со одлична техничка подготвеност. „Солистичка академија“ е еден од најзначајните афирматори и промотори на казахстанската музика и традиција во светот.
Концертот ќе има хуманитарен карактер, а собраните средства од продажбата на билети ќе бидат наменети за настраданите од поплавите.