Притворено лице од Приштина поради кражба на картичка од стружанец

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „кражба“ и „оштетување и неовластено влегување во компјутерски систем“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Г.Х. (53) од Приштина. Него, одредена му е мерка притвор во траење од осум дена, изречена му е парична казна и протерување од Република Македонија во траење од три години.

Пријавениот, на 16-ти минатиот месец, на градскиот пазар во Струга, во згодна прилика извршил џебна кражба од Б.Т. жител на Струга одземајќи му паричник со помала количина пари и една банкарска картичка од „Тутунска банка“ на која бил напишан и кодот. Набрзо потоа, пријавениот Г.Х. од банкомат во два наврати за кратко време подигнал најнапред 10.000,оо а потоа 20.000,оо денари, оштетувајќи го Б.Т. за сума од 30.000,оо денари. По извесно време, сега притворениот Г.Х. заминал за Тетово а потоа и на Косово.

Забележувајќи дека му го нема паричникот, оштетениот Б.Т. се упатил во банката од каде го известиле дека пред кратко време од сметката биле подигнати вкупно 30.000,оо денари. Тој кражбата ја пријавил во полициската станица во Струга од каде се преземени мерки за реализација на случајот. По обезбедени прецизни информации, на 13-ти овој месец, на градскиот пазар во Струга, Г.Х. е приведен во струшката полициска станица.