„Света Софија“ блесна со убавината на проектот „На светов убавина“ на Горан Трајковски

Затворањето на 56то издание на Охридско лето се случи како алхемиски проект на Горан Трајковски насловен како “ На светов убавина “ кој својата театарска музика од последнава декада ја преточи во концерт на театарска музика, идеален проект за симбиозата театар и музика – суштината на Интернационалниот фестивал Охридско лето. Предворјето на Света Софија беше совршениот простор за музиката на Трајковски кој инспириран од големите автори, својата единствена музика, базирана на византиското пеење и македонскиот фолклор но во современ и само за него карактеристичен музички стил не пренесе во театарските светови и неговите соништа. Горан Трајковски, актерката Арна Шијак, Елена Христова и 17 члениот оркестар станаа едно со публиката и заедно патуваа во времето и просторот.

Според селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски симбиозата театар и музика преставува „духовен чин, ново духовно откритие низ кои софистицираната театарска и музичка публика имаше можност да ужива во безвременското патување низ творешкиот опус на композиторот и уметник Горан Трајковски“.
IMG_1430

Театарскиот композитор Трајковски, своевремено активен член на култните македонски групи „Падот на Византија“, „Мизар“ и „Анастасија“, кој зад себе има реализирано музика за над 50 театарски претстави и филмска музика, за овој негов проект вели дека сепак е театарски, бидејќи во него се содржани исклучиво театарски песни, кои биле изведувани во повеќе од десетина театарски претстави, кои биле на програмата низ македонските театри во периодот од 2003 до 2013 година.

„Станува збор за најразлични претстави, таква била и музиката што сум ја создавал, менувајќи жанрови дури и во рамки на само една претстава. Мислам дека токму од соработката со актерите и моите колеги многу научив и го надградував своето музичко искуство, исполнувајќи ја својата желба да бидам дел од македонската театарска сцена“, рече тој.

За Арна Шијак, актерката која изведе некои од делата на Трајковски, песната претставува врвен исказ, начин на експресија на многу луѓе.

Во мигови кога јазикот е недоволен да се искаже се она што се чувствува, песната и музиката како згусната реалност, згусната вистина, е совршен медиум за емитивна експресија. Тука сум како мал дел на овој проект на велемајсторот Трајковски.

Среќна сум што сум современик на такви личности, уште позначајно е тоа што ја имам можноста да бидам нивен музички сојузник, рече таа, изразувајќи благодарност што преку вакви проекти може да биде дел од космологијата на авторот.

Познатата пејачка Елена Христова, вокал на етно групата Баклава, ја радува изведувањето на овој проект, кој не само што ги обединува уметниците, туку и ја враќа буквално неа од истражувачка дејност во Турција и Грција.

„Да бидам тука, по овој повод и меѓу сите овие луѓе, му благодарам на Бога и на Горан што нѐ собра. На најприроден начин сум дел од сето ова и многу сум среќна и возбудена“, кажува Христова.

Како што искажува охриѓанецот Илија Ристески, водач на хорот „Свети Климент Охридски“, кој работи како дел од Дебарско-кичевската епархија, за хорот е второ искуство како учествува на фестивалот „Охридско лето“.

„Ова нѝ е втора соработка со Горан Трајковски. За нас е голема чест и задоволство што имаме можност да соработуваме со вакви личности, кои оставиле траг и белег во македонската музика. Ние како хор се занимаваме со источно православна византиска музика, а Горан во неговата авторска музика вметнал доста такви елементи“, додава Ристески.