Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, денеска го посетија Крушево. На покана на Школата за младите лидери што се одржува под покровителство на претседателот Иванов по седми пат годинава, градоначалникот Бутарис е еден од предавачите на оваа меѓународна школа за млади лидери, што е повод за неговата посета на Република Македонија.
За време на посетата на Крушево, претседателот Иванов и градоначалникот Бутарис остварија работен ручек со градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчевски. Воедно, градоначалниците на Крушево и на Солун посетија повеќе културно – историски знаменитости во градот.
Во поширокиот контекст на мерките за градење на доверба меѓу Република Македонија и Република Грција, претседателот Иванов во континуитет остварува средби со разни бизнис и академски делегации, а со цел воспоставување на мостови на соработка меѓу македонското и грчкото општество. Целта на овие средби е искористување на можностите за реализација на заеднички проекти од областа на инвестициите, екологијата, унапредување на економската и универзитетската соработка.
Претседателот Иванов и во ноември минатата година, оствари средба со солунскиот градоначалник Бутарис, на која присуствуваа претставници на стопанските комори од Република Македонија и Република Грција, претставници на медиумите од двете земји и универзитетски професори.„Заедничката соработка помеѓу двете општества е доказ дека се возможни решенија за предизвиците кои се пред нас, а нештата кои нè поврзуваат се побројни од оние кои нè разделуваат”, изјави претседателот Иванов.
Во оваа насока, се и стипендиите за македонските студенти, за мастер студии на Универзитетот Шефилд при Сити Колеџот во Солун, што се доделуваат секоја година под покровителство на македонскиот претседател.
Градоначалникот Бутарис со огромна чест и задоволство ја прифати поканата годинава да биде предавач на Меѓународната Школа за млади лидери, која е основана на лична иницијатива на претседателот Иванов.