Мерките на Владата насочени кон поттикнување на инвестиции во капацитети за сместување стари лица даваат резултат. Досега со користење на поволностите се отворени 21 приватен дом во Република Македонија, кои го зголемија капацитетот за сместување на стари лица, а воедно влијеа и на намалувањето на невработеноста и отворија нови 285 работни места.
Ова го истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска кој присуствуваше на отворањето на 21-от приватен дом за стари лица Лабос во Кисела Вода и најави дека уште шест нови приватни домови за стари лица се во постапка на основање и набрзо се очекува да почнат со својата дејност.
„Овие новотворени приватни домови за стари лица не само што го зголемуваат капацитетот за згрижување стари лица што е и најважен ефект што се постигнува со поволностите на Владата, туку, исто така, и самата конкуренција влијае за намалување на цените и контиунирано подобрување на условите за згирижување на стари лица во домови“, изјави Спасов.
Истакна дека овие приватни домови отворија 650 легла за сместување стари лица и значаен број работни места и оти тоа ги мотивира да продолжат и понатаму со реализација на поволностите и мерките што ги нуди Владата.
„Сите заинтересирани инвеститори може да ги искористат поволностите, односно евтината цена на градежно неизградено земјиште со почетна цена од едно евро за метар квадратен, намалените комуналии за изградба на ваков објект за 95 проценти, поволностите преку мерките за вработување, како и проектот Македонија вработува и најновиот грант за отворање приватен дом за стари лица со 12.500 евра како финансиска помош за отворање на капацитет за 40 лица и минимум нови 4 работни места“, истакна минситерот за труд и социјална политика.
Според претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери Драги Аргисровски, со отворањето на овие приватни домови се решава проблемот од недостиг на сместувачки капацитети на возрасни лица.
„Со профункционирањето на овие 21 приватен старски дом двојно е зголемен капацитетот на досега постоечки четири пензионерски домови за само 450 лица“, рече Аргировски.
Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ истакна дека ова е втор дом на „Лабос“ на територијата на оваа локална самоуправа и оти тој нуди можност да опфати возрасни лица и од околните места и општини.
Изрази задоволство што ова е високо енергетски објект кој ги запазува сите стандарди и влијае на животната средина.
„Лабос“ работи веќе 13 години со првиот дом отвирен во Кисела Вода. Сопственичката Сузана Мајнова истакна дека поради зголемената побарувачка на капцитетот се одлучиле да направат нов што ќе биде по европски стандарди.