Решавањето на билатералниот спор за името меѓу Македонија и Грција не било тема на денешната средба на министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Попоски и Никос Коѕиас, туку развивањето и унапредувањето на мерките за доверба, продлабочување на економската соработка, соработката во областа на образованието, културата, енергетиката…
„Не зборувавме за името, рековме еднаш барем да зборуваме за нашата соработка. Јас се залагам за компромиси, но добри, а не лоши компромиси. Компромис кој ќе не ослободи од затворите на историјата, која не можеме да ја промениме. Мислам дека на мирен начин треба да ги решаваме нашите разлики, што значи дека не треба едниот да се наметне врз другиот. Значи, потребен е компромис со кој ќе се задоволни повеќе страни,“ истакна по средбата Коѕиас.
Црвени линии и при секој компромис, смета тој, мора да има бидејќи во спротивно тој не би бил добар, туку, како што рече, „скапан“.
Попоски истакна дека фокусот на развивањето на соработката и градењето на довербата е потребен за да се дојде до ниво кога би можело да се разговара за други прашања.
„Името и блокадата се реални, тие се проблем. Во однос на тоа имаме различни ставови и тоа е констатирано во минатото и е факт. Од друга страна, има друга реалност на која може да се влијае, а тоа е создавањето на клима на поголема доверба меѓу двете земји и зголемување на соработката меѓу нас. Тоа го правиме преку мерките за градење доверба и на тоа сме посветени. Доколку има една реалност и таа не може да се промени, а тоа е разликата која постои меѓу нас во однос на спорот за името и чувството дека нашиот пат кон ЕУ и НАТО е попречен поради оваа блокада, можеме да се посветиме на тоа што и де факто сакаме да го постигнеме, а тоа е поголема стабилност, поголем економски просперитет за нас и за нашите држави“, истакна Попоски.
Тој смета дека ова може да се постигне и преку членството во НАТО и во ЕУ, но, како што рече, и сега и тогаш тоа ќе зависи од нас.
„На некој начин оваа фаза ја гледаме како наше докажување за капацитет сами да си ги решаваме проблемите, да не седиме со скрстени раце и услови во кои пред да влеземе во ЕУ и НАТО и потоа колку имаме стабилност и економски просперитет ќе обезбедиме зависи од македонските капацитети, а од ничии други. Во овој контекст мислам дека Грција е многу важна, можеби и најважната за градење на економската стабилност и просперитет и затоа најдобро е сами да си бидеме газди на нашата иднина, да си ја креираме и да седнеме и со Грција и со која било друга држава да градиме што е можно повеќе мостови,“ истакна Попоски и додаде дека тоа треба постојано да се прави.
Во однос на состојбата со политичката криза во Македонија, Коѕиас одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека тоа е внатрешно прашање на земјата и оти улогата на грчката политика не треба да биде да ги храни обидите за криза, туку со политиката да помогне таа да се реши.
Најлошо е некој да ја храни кризата од надвор и да не дозволи таа да биде решена, рече шефот на грчката дипломатија. Додаде дека Грција сака да ја види Македонија стабилна, економски силна и нејзиниот народ да живее добро.
Тој не го доведува своето доаѓање во Македонија во врска со претстојните евентуални избори во Македонија како поддршка за актуелната власт, а исто така, како што рече, не го ставил и ветото против санкциите за Македонија во ЕУ од тие причини.
Попоски посочи дека од голема важност за Македонија е да се создаде мост на соработка со Грција што ќе ги направи билатералните односи на ниво на кое претходно не биле.
Посочи дека на средбата било разговарано и за спроведувањето на мерките за градење доверба, како во делот на образованието преку потпишување меморандум за соработка, во делот на енергетика преку воспоставување на директна соработка меѓу компаниите од двете земји, во делот на полициската соработка директните контакти на ниво на погранични служби и министерства за внатрешни работи, како за справување со мигрантската криза и зголемување на комуникацијата меѓу двете земји, додека во делот на инфраструктурата за проширување на железничката врска.
„Мораме прво да работиме на создавање на рамка што ќе ја промени перцепцијата во двете земји. Во Македонија предолго има чувство дека Грција работи на тоа да не нема. Мора да стигнеме во фаза кога ќе чувствуваме дека Грција ни е партнер. Ние сме денес реалност, исто така планираме да останеме тука каде што сме. Мора да го убедиме нашите грчки партнери дека не планираме нив да ги преместиме на друго место. Ако сме согласни дека остануваме тука каде што сме и имаме заеднички интереси најдобриот пат да стигнеме до тоа е овој што го одбравме. Зголемување на довербата преку конкретни мерки. Наша конечна цел е да бидеме и во ЕУ и во НАТО. На овој пат ќе мораме да градиме односи. Да градиме клима во која и ние ќе ги убедиме и тие ќе не убедат дека ова е заедничка цел. Лично сум убеден дека на крајот од патот тоа е во интерес на двете земји“, истакна Попоски.
Мерките за доверба, посочи тој, нема автоматски да го решат спорот за името, но тоа е единствениот пат по кој треба да одиме во услови во кои ние си ја креираме судбината. Доволно сме убедени во нашиот капацитет да си креираме подобра иднина и таа иднина планираме да ја креираме заедно со нашите соседи, рече шефот на македонската дипломатија.
Според Попоски, на денешната средба освен за мерките за градење доверба, дискутирале и за регионот, регионалната соработка и стабилност, предизвиците со кои се соочуваме на политички и безбедносен аспект.
Попоски, исто така, изрази благодарност до Грција за тоа што заедно со повеќе европски земји помогна за санирање на последиците од големата временска непогода во Скопскиот регион.
Коѕиас оцени дека економските врски меѓу двете земји се развиваат.
„Се договоривме во рамки на мерките за доверба да има контакти меѓу универзитетите, имаме ефективна соработка за соочување со бегалската криза. Во план е изградба на гасовод и нафтовод од пристаништето во Солун и вашата земја. Од големо значење е да се унапреди железничката линија меѓу Флорина (Воден) и Битола. Договорена е соработка во секторот на економија и финансирање и искористување на можноста за преземање заеднички работи од ЕУ“, изјави Коѕиас.
Посочи дека тоа што ги означува релациите меѓу двете земји е соработката и обидот за меѓусебно разбирање за потребите што секоја држава ги има и изрази надеж дека соработакта ќе продолжи и понатаму за доброто на двата народа и за стабилноста и безбедноста на Европа.
Ова е втора посета на Коѕиас во изминатиот период и е дел од програмата за градење на доверба меѓу двете земји. Двацата министри оценија дека ваков тип на средби можат да бидат корисни за подобрување на билатералните односи и креирање клима за приближување.
Грчкиот министер за надворешни работи денеска во Скопје се сретна и со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и со премиерот Емил Димитриев, а имаше обраќање пред Амбасадорскиот совет во МНР.