Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Република Турција, денеска во Истанбул оствари средба со претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган.
Во фокусот на разговорите на двајцата претседатели беа билатералните односи и соработка, со акцент на прашања од сферата на безбедноста, мигрантската криза и економските односи.
На средбата претседателот Иванов изрази сочувство и жалење за серијата терористички напади во земјата, вклучувајќи го и денешниот, врз полициски контролен пункт во југоисточна Турција.
Турскиот претседател Ердоган изрази сочувство и жалење за поплавите од 6 август. Во тој контекст претседателот Иванов се заблагодари за помошта од Република Турција.
На средбата е договорено зајакнување на контактите и соработката на безбедносните служби во делот на превенција и размена на информации во борбата против тероризмот, како и за предизвиците поврзани со мигрантската криза. Двајцата претседатели се согласија за потребата од потесна билатерална соработка, но и соработка преку регионални и мултилатерални механизми, како и продолжување на економската соработка.
На средбата двајцата претседатели взаемно се информираа за актуелните политички и економски состојби во двете земји. Претседателот Иванов повтори дека Република Македонија ja поддржува демократски избраната влада на Република Турција.
Претседателот Иванов истакна дека го поддржува нормализирањето на состојбите во Република Турцијa и повика на почитување на демократските институции и избегнување на секаков вид на насилство и крвопролевање. Македонскиот претседател порача дека политичките цели треба да се постигнуваат единствено со дијалог и во согласност со волјата на граѓаните на избори.
Претседателот Иванов престојува во работна посета на Република Турција на покана на претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган. Во рамки на посетата, претседателот Иванов присуствува на свеченото отворање на третиот мост над Босфорот „Јавуз Султан Селим”. На свеченото отворање присуствуваат и бројни државни претставници, меѓу кои претседавачот со претседателството на БиХ, г. Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Владата на Република Бугарија, г. Бојко Борисов, Кралот на Бахреин, Хамад бин Иса ал Калифа.