Лишени од слобода пет лица во рамки на акцијата „Ќелија 3“

Министерството за внатрешни работи продолжува со преземање на оперативно тактички мерки и активности за прибирање сознанија и обезбедување документација за македонски државјани припадници на терористичката Исламска Држава, а со цел превенирање и спречување на нивно учество во странска војска, полиција, паравоени и параполициски формации согласно Кривичниот Законик на Република Македонија.

На 12-ти овој месец во синхронизирана акција и соработка со турската полиција од слобода беа лишени пет македонски државјани, осомничени за членство во Исламската Држава. Акцијата беше спроведена од страна на турската полиција во едно од собиралиштата на џихадисти лоцирано во населбата Аксарај, при што приведените државјани на Република Македонија од кои три од Куманово и две од Скопје, на организиран начин се обиделе да се приклучат кон терористичката организација. Во собиралиштето осомничените биле сместени заедно со уште четири лица од Албанија, Сирија, Палестина и Мароко и чекале поволни услови за трансфер во Сирија.

Во текот на акцијата при обид за бегство две од лицата се здобиле со тешки телесни повреди. По приведувањето осомничените биле однесени во Прифатниот центар за странци во Истанбул.

Имено според досегашните сознанија лицата претходно биле поттикнати и организирани од македонски државјани-џихадисти кои подолг период престојувале во Сирија, а осомничените заминале за Турција со единствена крајна цел приклучување кон муџахединските единици во Сирија.

Двајцата македонски државјани од Куманово на возраст од 21 и 24 година заминале за Турција на 22-ри минатиот месец со автобус, при што оствариле излез на Граничниот Премин Табановце, за потоа преку Ниш и Софија да пристигнат во Истанбул, додека останатите три лица (едно од Куманово и две од Скопје на возраст од 18, 19 и 20 години) заминале за Турција кон крајот на минатиот месец исто така со автобус, но преку Граничниот Премин Богородица. За две од лицата нивното исчезнување било пријавено и во полиција од страна на нивните родители.

По преземените активности и документирањето на настанот осомничените биле вратени во Македонија и против нив е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ согласно член 322-а став 9 од Кривичниот Законик на Република Македонија.

По поднесувањето на кривичната пријава од страна на судија на претходна постапка на сите пет пријавени лица определена им е мерка притвор.
Имено според сознанијата пријавените подолг период посетувале верски предавања на радикални имами во нивните градови каде започнало нивното индоктринирање и радикализирање во кое биле инволвирани лица опфатени во претходните акции „Ќелија“.

Министерството за внатрешни работи и во периодот што претстои продолжува со преземање на понатамошни мерки и активности за обезбедување на докази и против други лица вклучени во индоктринирање, помагање и логистика за испраќање на лица во редовите на муџахединските единици во Сирија и Ирак.

Исто така освен акцијата со турската безбедносни сили по претходно обезбедени сознанија, во соработка со албанската полиција на 14-ти август во Тирана беше уапсено уште едно лице по кое се трагаше, а беше опфатено во акцијата Ќелија која се спроведе август минатата година. По распишаната меѓународна потерница лицето беше приведено и во тек е постапка за негова екстрадиција.