Граничната Полиција при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија денеска ја прими донацијата од Чешката Република која се состои од 25 „Шкода Јети“ возила.
Министерот за внатрешни работи м-р Митко Чавков истакна дека и по затварањето на Западно балканската рута, предизвиците со кои се соочува Република Македонија не запреа, односно Македонија и понатаму е изложена на активности поврзани со превенирање и сузбивање на криминални мрежи коишто се актуелни злоупотребувајќи ја неволјата на бегалците.
„Имаме набавено 25 возила кои ќе бидат во функција на граничната полиција и тоа ќе биде силно засилување на вкупните капацитети на граничната полиција во МВР и не само тоа, туку генерално и на сите капацитети на Република Македонија во справувањето со бегалската криза“ истакна министерот Чавков.
На донацијата на возилата присуствуваше и Заменик Амбасадорот на Чешката Република во Македонија г-дин Јосеф Брош кој истакна дека вистинските пријатели се препознаваат во тешките моменти, а така се препознаваат и државите што се вистински пријатели. Република Чешка ви е вистински пријател.
Инаку Чешката Република и во претходниот период и помагаше на Република Македонија во справувањето со бегалската криза, како со донации на техничка опрема, така и со повеќе контигенти на полициски службеници кои заедно со македонските полициски службеници вршеа заедничките активности за поуспешен надзор и контрола на македонската државна граница.