Учениците средношколци од семејства од социјален ризик ќе може да аплицираат за добивање условен паричен надоместок во висина од 12 илјади денари. Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на прес-конференција информираше дека јавниот повик веќе е распишан и дека може да конкурираат учениците средношколци кои редовно посетуваат настава и потекнуваат од семејства приматели на социјална помош.
„Сите заинтересирани потребно е да аплицираат во центрите за социјални работи до 30 септември. Се предвидува ова парично право да се реализира квартално со исплата на финансиската поддршка на мајките на овие деца. Сите оние кои редовно посетуваат настава, односно присуствуваат на повеќе од 85 проценти од часовите, ќе добијат дополнителна финансиска поддршка”, истакна министерот Спасов.
За оваа намена годинава се одвоени 72 милиони денари и се планира финансиски да бидат поддржани околу 6.000 семејства. Програмата за финансиска поддршка за оваа категорија ученици се реализира од учебната 2010/11 година и досега се инвестирани вкупно 409 милиони денари или финансиски се поддржани околу 46 илјади корисници