Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со министри од повеќе ресори и градоначалници денеска ги анализираа досега спроведените активности за исполнување на барањата од жителите од повеќе општини при посетите од владини функционери, и предлагаа решенија за побрза реализација на проектите.
Како политичка партија веќе долг период сме прифатени кај граѓаните дека сме политичка гарнитура која што стои зад дадениот збор, стои зад ветувањата, стои зад она што ќе го вети при средбите со граѓаните. Огромна одговорност е да се испорача ветеното и да се одговори на потребите на луѓето во онаа мера колку што е можно и колку што е ветено, рече Груевски.
Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски информираше дека на барање на жителите ќе се реализира ветувањето за целосна обнова и проширување на патот Македонски Брод – Скопје, во должина од 14,5 километри. Ќе бидат инвестирани три милиони евра. Се планира тендерот да биде распишан за 10 дена.
Овој месец ќе почнат активности и за обнова на делницата Неготино – Демир Капија, што е најоштетен дел од автопатот „Александар Велики“. Реконструкцијата на 16 километри од патот во двете насоки ќе трае една година. Се чека утврдување на времениот режим на сообраќај за старт на градежните работи.
Мисајловски ги претстави и двата плана за подобро инфраструктурно поврзување меѓу Гостивар и Кичево, едниот со изградба на автопат, а вториот со реконструкција на постојната делница. Тендерот за реконструкција, како што најави, треба да биде објавен деновиве, а во октомври да се избере компанијата за градежните активности. Ќе се обновуваат 30 километри пат во што ќе бидат вложени шест милиони евра. Таму се планира рехабилитација на пет моста и на коловозот. Се очекува градежните работи да завршат за една година.
Почната е подготовка на документацијата за новиот автопат. Студијата се изработува заедно со Градежниот факултет. Имаме документација, но се договоривме да имаме дополнителни ревидирања, му одговори Мисајловски на Груевски кој потсети на првичниот рок следниот месец да биде објавен конкурсот за избор на концесионер.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески соопшти дека се изработуваат проекти за асфалтирање на три улици во вредност од 2,3 милиони денари. Жителите, како што рече, побарале две улици, но преземени се активности за три. Асфалтирањето, најави, ќе почне кон крајот на годинава. За осветлување на трите пристапа кај Коњско што ги побара месното население, според министерот Мисајловски, се поставени три канделабри во должина од 300 метри, инвестиција од милион денари.
За потегот Требеништа – Велгошти се анализира дали може да се направи нов регионален пат. На жителите им е најавено дека ќе се разгледа дали може да се стави во Програмата за следната година. Во Велгошти, според Бакрачески, се чека согласност од Министерството за транспорт на новиот Детален урбанистички план. Проблемот со водоснабдувањето ќе се решава со изградба на пумпна станица за зголемување на дотокот на вода. Почетокот на градба е планиран за следниот месец, а Општина Охрид за таа намена ќе одвои 1,5 милион денари.
Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски го информираше Груевски дека последните 700 метри од патниот правец Радожда-Ливадишта-Елен камен е асфалтиран, порано од предвидениот рок даден на граѓаните при неодамнешната посета на Радожда. Исто така, рече, се работи и на асфалтирање на преостанатите три километри на делницата од Калишта до Струга, што треба да биде завршено овој месец.