Нови активности во рамки на оперативната акција Мрежа

Министерството за внатрешни работи во соработка со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција продолжи со спроведување на активности во рамки на оперативната акција Мрежа за сузбивање на дилерски мрежи за дрога кои делуваат на национално и меѓународно ниво. Притоа денеска во раните утрински часови беа извршени претреси кај две лица еден на подрачјето на градот Струга, а другиот претрес беше извршен во с.Велешта. Од спроведеното криминалистичко истражување дојдено е до сознанија дека се работи за организирана криминална група која делувала на подрачјето на Струга, Кичево, Гостивар и Охрид.

Имено првоосомничениот на возраст од 28 години беше лишен од слобода во с.Велешта и за него постојат сознанија дека подолг времесни период, заради неовластена продажба на наркотични дроги кокаин и марихуана, организирал мрежа на препродавачи и посредници при што ангажирал повеќе лица.

Посредниците во продажбите, наркотичната дрога ја продавале по различни цени и количини, со цел стекнување на противправна имотна корист, и добивале одреден процент од недозволената трговија со дрога, но најголем дел од заработката го задржувал организаторот.

Исто така добиени се сознанија дека прво осомничениот од засега непознати лица од Р.Албанија набавувал кокаин и марихуана кои ги носел во својот дом во с.Велешта каде ги препакувал во помали количини односно дози и ги продавал на повеќе лица дилери и уживатели на претходно договорени средби на локации во Струга и Охрид. Продажната цена се движела од 3000,оо денари за еден грам кокаин и 500 денари за паковка марихуана. Со цел неовластената продажба да се одвива континуирано, осомничениот им давал инструкции и насоки на останатите посредници да остваруваат средби и да им носат наркотична дрога на лица заради понатамошна продажба, притоа барајќи паричните средства стекнати од продажбата да му бидат предадени.

При извршениот претрес кај во с. Велешта пронајдени се 25 паковки со прашкаста материја, дел скриени во кутија од шумливи таблети, потоа остатоци од марихуана, околу 2000 евра, куршум, повеќе мобилни телефони и други вредни предмети (кои најверојатно биле оставени како залог за купување дрога) и лични документи. Во вториот претрес во Стуга кај еден од посредниците на организаторот пронајдени се гасен пиштол, сад со остатоци од прашкаста материја и мобилен телефон.

Пронајдената прашкаста материја и другите предмети ќе бидат доставени до Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР на РМ заради нејзино вештачење.

Од страна на МВР, до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде поднесена кривична пријава против три лица, двајца на возраст од 28 години и едно лице на возраст од 41 година сите од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”.

Инаку за уште едно лице постојат сомнениеја дека делувало во рамки на оваа криминална група и против него во претходен период е поднесена кривична пријава за истото дело и лицето веќе се наоѓа во притвор.

Активностите на Министерството за внатрешни работи и ОЈО во рамки на Мрежа продолжуваат во идниот период и во други градови во Македонија.