Обраќање на Иванов по повод предавањето на акредитивните писма од Самуел Жбогар шеф на делегацијата на Европската Унија

Обраќање по повод предавањето на акредитивните писма од Н.Е. Самуел Жбогар шеф на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија

Ваша Екселенцијо,

Дозволете ми најпрво срдечно да Ве поздравам, да Ви посакам искрено добредојде како шеф на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, и воедно да Ви посакам многу успех во извршувањето на одговорната должност.

Искрено се надевам дека за време на Вашиот мандат дополнително ќе зајакнат и ќе се развијат меѓусебните односи и ќе се продлабочи започнатата активна соработка во сите сфери.‎

Вашето богато дипломатско искуство, убеден сум, ќе даде дополнителен белег на развојот на меѓусебните односи и соработката. Ве уверувам дека во вршењето на Вашата дипломатска должност ќе ја уживате нашата целосна соработка и помош.

Akreditivi_Zbogar_01

Почитуван Амбасадоре,

‎ Членството во Европската Унија за Република Македонија претставува највисока стратешка цел. Toa e изборот на граѓаните на Република Македонија и тој избор ужива широка политичка, етничка и социјална поддршка, и има силна обединувачка моќ во нашето општество. Токму затоа очекувам и се надевам што поскоро да се деблокираат евроинтеграциските процеси. Секое натамошно пролонгирање на овој процес, како и досега, сериозно ќе влијае на темпото на реформите, на нивото на политичка култура во државата и на културата на дијалог и компромиси. Не станува збор за алиби со кое би се оправдале некои внатрешни состојби ‒ напротив, станува збор за реален факт со реални импликации. Постојаното одлагање на почетокот на пристапните преговори се покажа како контрапродуктивно. Во време на сериозни предизвици како за Европа, така и за нашиот регион и за Република Македонија, крајно време е за промена на пристапот, а ние, подготвени сме да го преземеме својот дел од задачата за иднината на Европа и на Европската Унија.

Искрено се надевам дека и Унијата и земјите членки од примерот со Македонија ќе извлечат поуки, и дека позитивните примери на паралелно движење во интеграцијата и надминувањето на билатералните разлики, конечно ќе биде применето и во нашиот случај. Верувам дека Унијата, и покрај сите предизвици со кои се соочува, ќе го исправи досегашниот погрешен пристап кон Македонија. Во спротивно, доколку Македонија и по следните избори не добие датум и не ги започне пристапните преговори, прашање на време е кога ќе се соочиме со следна политичка криза. Во таков случај постои реална опасност од опаѓање на довербата и поддршката од граѓаните, кои оправдано пристапниот процес и членството во ЕУ ги гледаат како фактори за подобра и просперитетна иднина.

Akreditivi_Zbogar_02

Екселенцијо,

Блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија е пример за тоа како не треба да се гради безбедноста во регионот. Во актуелниот геополитички контекст особено е важно и почитувањето на меѓународното право и обврски, вклучително и во случајот со Македонија. Времето на предизвици и кризи е и време на можности. Токму затоа, искрено се надевам дека Европската Унија и земјите членки ќе покажат поголемо разбирање за геополитичките предизвици, уважувајќи го меѓународното право преку почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Република Македонија исклучително одговорно и со сопствени сили одговори на предизвиците од бегалската и мигрантска криза. Досега повеќепати имам изнесено и повторно ќе нагласам дека не сум задоволен од односот на ЕУ кон Република Македонија во поглед на справувањето со предизвиците кои произлегуваат од актуелната криза со бегалците. Имавме разумни барања, поврзани со безбедносниот аспект на бегалската криза, кои значително ќе придонесеа кон безбедноста во Европа. За жал, нашите барања долго време беа игнорирани. Се надеваме дека ова нема да биде пракса, туку исклучок, затоа што Македонија покажа дека може да биде одговорен партнер на меѓународната заедница.

‎Почитуван Aмбасадоре,

Од друга страна, благодарен сум за севкупната помош која Република Македонија и нејзините граѓани ја имаат добиено во многу сфери. Токму таквата поддршка, вербата во вредностите на Унијата, и вербата во просперитетна иднина се причина за поддршката која Унијата ја ужива од македонските граѓани.

Во тој контекст, остануваме посветени на спроведувањето на сите неопходни реформски процеси и очекуваме Европската Унија, не само декларативно, туку со конкретни чекори да ги охрабри напорите на нашата земја на патот кон нејзината целосна интеграција.

Akreditivi_Zbogar_03

Ваша Екселенцијо,

На крајот, дозволете ми, да ја искористам оваа прилика преку Вас да ги упатам моите најсрдечни поздрави до претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск, до претседателот на Европската комисија, г. Жан-Клод Јункер и до високиот претставник, Нејзината Екселенција г-ѓа Федерика Могерини, а Вам, лично, уште еднаш да Ви посакам многу успех во извршувањето на одговорната функција.