Собранието на Република Македонија денеска треба да ја избере преодната влада, која ќе ги организира парламентарните избори закажани за 11 декември.
Седницата сè уште не е закажана, но има најави дека ќе се одржи во 17 часот.
Во преодната влада опозицијата треба да ги добие министерските места во секторите внатрешни работи и труд и социјална политика, како и дополнителни заменици-министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство.
Кандидат за министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски, Фросина Ременски е кандидатка за министерка за труд и социјална политика, Кире Наумов кандидат за дополнителен заменик-министер за финансии, Александар Кирацовски – кандидат за дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација и Љупчо Николовски – кандидат за дополнителен заменик-министер за земјоделство, водостопанство и шумарство.
Во согласност со договорот што партиите го постигнаа на 20 јули, денеска треба да се назначи и новиот главен уредник на МРТВ, Санта Аргирова, чиј мандат ќе трае до крајот на изборниот процес, а со работа треба да почне и ад хок телото за надзор на медиумите во предизборниот процес.
Извор: meta.mkhttp://meta.mk/