Половина милион деца ризикуваат експлоатација, бидејќи бегалско-мигрантската криза се претвора во голем бизнис за криумчарите

Новите бројки откриваат дека за околу половина милион деца-бегалци и мигранти во движење се смета дека се обратиле до криумчарите од јануари 2015 година, бидејќи одложувањата и очајот ги водат во рацете на криминалците кои брзо ја искористуваат нивната ранливост.

Со цел да фрли светлина врз мрачното подземје на криумчарењето мигранти во Европа, како и подобро да го обликува својот одговор, УНИЦЕФ собра информации од различни извори – вклучувајќи ги и Европол-Интерпол, сведоштва од самите деца, публикации од агенциите на ОН, невладини организации и потврдени извештаи во медиумите.

Бројките објавени од Еуростат оваа недела покажуваат дека повеќе од 580.000 барања за азил во Европа биле поднесени од деца* од јануари 2015 година. Со неодамнешниот извештај на Европол-Интерпол, што укажува дека над 90 проценти од патувањата на бегалците и мигрантите кои доаѓаат во ЕУ ги потпомагаат криумчари што работат за криминални мрежи, се проценува дека најмалку половина милион деца користеле криумчари во некој момент од своето патување. Децата без придружба изнесуваат речиси 100.000 од вкупниот број и особено се склони кон користење криумчари.

„Затворањето на службените граници беше како заклучување на вратите, но оставање на прозорците отворени, што само ги тера децата, посебно оние без придружба, да преземаат поголеми ризици“, – вели Мари-Пјер Поаре, специјалниот координатор на УНИЦЕФ за бегалско-мигрантската криза во Европа. „Државите треба да градат поцврсти системи за заштита на децата, а не повисоки ѕидови.“

Иако бранот на бегалци и мигранти значително забави, затворањето на границите, зацврстените миграциски политики и договорот меѓу ЕУ и Турција доведоа до тоа овие криминални групи да ги прилагодат добро утврдените патишта на криумчарење дрога и оружје за пренесување бегалци и мигранти.

„Државите при својата реакција често се водат според политиките за контрола на миграцијата наместо според реалните и непосредни права и потреби на децата-бегалци и мигранти. Да има безбедни и легални опции, децата и нивните семејства не би биле принудени да завршат во рацете на криумчарите и трговците со луѓе, кои многумина од нив ги доведуваат во опасност на нерегуларните патишта.“

Шверцот и трговијата со луѓе сега се проценува на 5-6 милијарди американски долари годишно. Бидејќи бројот на луѓе што тргнуваат на опасно патување опадна, Европол наведува дека овие криминалци тројно ги зголемиле цените, при што многу мигранти сега плаќаат и до 3000 евра само за еден дел од патувањето.

Децата често носат долг со себе поради тоа што биле шверцувани. Отплаќањето на ваквиот долг ги става во зголемен ризик од експлоатација од страна на криумчарите, при што се пријавува дека децата без придружба во Франција и Италија разменуваат сексуални услуги, принудени се да работат и се присилуваат на вршење кривични дела.

За заштита на децата-бегалци и мигранти, УНИЦЕФ итно повикува:

• Многу поголеми напори треба да се вложат во документирање на криумчарењето и трговијата насочени кон децата во движење.

• Во транзитните земји, особено во Грција и Италија, од клучно значење е актерите за заштита на децата да бидат оспособени за индивидуално советување и поддршка на сите ранливи деца-бегалци и мигранти, со посебен фокус врз децата без придружба и разделените деца.

• Построго собирање на квалитативни податоци за децата во контекст на одговорот во Европа кон бегалците и мигрантите.

Кога квалитетот на одговорот се подобрува и се состои од поединечно интервју во рок од 72 часа, подобар пристап до информации, именување на полнолетно лице како старател, редовни повратни информации за неговото сопствено досие и подобрен пристап до правна помош, ризикот децата да заминат незабележано за да го продолжат патувањето со криумчари значително се намалува.

Исто така, УНИЦЕФ воспостави мобилни тимови во клучните области, со експерти за заштита на децата, со цел да им се обезбедат услуги на децата во движење и да се помогне бргу да се идентификуваат децата што можеби се жртви на криумчарење и трговија со луѓе. На пример, специјализираниот персонал и партнерите во центрите за деца без придружба во и околу Атина и на пристаништето во Лампедуза, Италија, помагаат да се идентификуваат и да им се помогне на жените и девојките кои можеби станале жртви на сексуална експлоатација. УНИЦЕФ, исто така, се залага за постојано следење и истражување на ефектите од криумчарењето и трговијата со деца-бегалци и мигранти.