Градоначалникот Бакрачески со честитка по повод Денот на независноста на Република Македонија

По повод одбележувањето на 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, градоначалникот Никола Бакрачески упати честитка до граѓаните на Општина Охрид, во која потсети дека овој голем ден, длабоко е врежан во нашата колективна меморија и не обврзува нас и идните генерации да ја чуваме и браниме нашата слободна и независна држава.

„На 8. Септември 1991 година, пред 25 години, гласајќи за независна и суверена Република Македонија, граѓаните со плебисцитарно мнозинство, го остварија нашиот и сонот на нашите храбри предци и им оставија аманет на нашите потомци. Нашата заедничка цел е посветено и постојано да се грижиме за нашата сегашност и иднина и да ја градиме нашата татковина како стабилна, безбедна, демократска и развиена европска и авроатланска Република Македонија.

Веќе 25 години, секој на свој начин, заеднички придонесуваме и се справуваме со предизвиците, во нашата држава да има подобар живот, социјална правда, солидарност и сеопшт напредок на личниот и општествениот живот. Определени сме да ја негуваме вековната традиција на соживот и почитување на различностите, зошто само така обединети и одговорни, можеме успешно да ги надминуваме препреките и да чекориме по патот кон стабила и сигурна иднина на Република Македонија.

Времето ќе носи нови предизвици со кои подготвено треба да се справуваме. Мораме, како и досега да даваме се од себе, нашата татковина да биде економски развиена и да биде почитувана држава и респектабилен партнер во меѓународните односи. Тоа не е само предизвик туку и обврска кон минатото и иднината. Нека ни е честит и вековит 8 Септември- Денот на независноста на Република Македонија“- се вели во честитката на градоначалникот Никола Бакрачески.