Во изминатиот период со поддршка од Министерството за култура се реализираа неколку значајни претставувања на македонските уметници на светските сцени со што уште еднаш е потврдено дека нашите автори се вистински македонски бренд и најголеми амбасадори на македонската култура во меѓународни рамки.
Имено, младата и реномирана виолинистка Ева Богоевска од 12 до 14 септември настапи на Интернационалниот фестивал на класична уметност и култура „Jerusalem of gold“ во Ерусалим и го освои највисокото, гран-при признание со што ѝ донесе уште една победа на нашата земја. Пред две години, Ева освои Лауреат од прв степен на меѓународниот фестивал за музика „Сребрен камертон“ во Санкт Петербург, Русија, додека во 2012 година на реномираниот фестивал „Сан Ремо јуниор“ во Италија ја освои првата награда.
Исклучително успешен настап и промоција на македонската култура имаше и џез-музичарот, композитор и гитарист со светска кариера Владимир Василевски Четкар кој со синоќешниот концерт на Интернационалниот џез-фестивал во Хонг Конг ја започна својата азиска турнеја, која се реализира со поддршка од Министерството за култура. По успешниот концерт, Четкар со својот бенд ќе настапи во два града во Кина, а е предвидено да настапи на „Beishan Jazz Festival“. На 1 и 2 октомври, својата турнеја Четкар ја продолжува со концертни настапи на два фестивала во Јужна Кореја, меѓу кои и на „Јарасум“, кој е еден од најголемите и најреспектирани џез-фестивали во Азија и во светот. На сите фестивали Четкар настапува на главните сцени како македонски автор и изведувач. Во декември неговата азиска турнеја продолжува со концерти на најголемите џез-фестивали во Малезија, Тајланд и Камбоџа.
Македонската музика е симбол на македонската култура која е топло прифатена на сите меридијани во светот, а потврда за тоа се и двата концерта на реномираната македонска етногрупа „Синтезис“, која со особен успех на почетокот на овој месец се претстави во Алмати и Астана, Република Казахстан.
Гала-концертите на етногрупата „Синтезис“ пред многубројна публика се одржаа на трети септември во големата сала на Казахстанската државна филхармонија Жамбул во Алмати, заедно со Симфонискиот оркестар на Филхармонијата, додека вториот концерт беше на 6 септември во Казахстанскиот национален универзитет за уметности во Астана „Шабит“, во соработка со Симфонискиот оркестар на Државната академска филхармонија на акиматот Астана.
Концертите се реализираа во рамките на Деновите на македонската култура во Казахстан, кои беа во организација на Амбасaдата на нашата држава во Астана, Казахстан, во соработка со асоцијацијата „КАЗ-МАК“ во периодот од 1 до 8 септември со неколку настани се одбележа 25-годишнината на независноста на РМ. Инаку, овој јубилеј се поклопи и со 25- годаишнината на независноста на Република Казахстан. Во рамките на манифестацијата беше отворено и Македонско катче при Националната академска библиотека на Казахстан во Астана, кое ги содржи 135-те тома македонска литература на повеќе јазици, кои се подарок од НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје, а се одржаа и две ексклузивни дегустации на македонски вина.