Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски присуствуваше на свеченото доделување дипломи на втората генерација магистри на Франклин Универзитетот од Охајо, кој соработува со универзитетот “Св. Климент Охридски“ од Битола.
Ристовски посочи дека како резултат на меѓународната соработка, вложениот труд и пренесеното знаење од врвни професори и експерти, новите кадри се високо конкурентни на домашниот и глобалниот пазар.
„Изминативе две години, под водство на врвни професори сте истражувале, сте се надградувале, сте учеле и бидете сигурни дека на долг рок оваа инвестиција ќе ви се исплати“, истакна Ристовски пред магистрите, нагласувајќи дека МОН и во идниот период ќе спроведува мерки во насока на интернационализација на високото образование, затоа што на тој начин се зајакнува образовниот капацитет на државата.
Ристовски апелираше магистрите да го имплементираат стекнатото знаење, практики и вештини во македонскиот приватен сектор или во македонските државни институции.
Инаку Франклин Универзитетот како странска високообразовна установа доби одобрение за вршење високообразовна дејност во Република Македонија во 2010 година. Првата генерација магистри на подружницата на американскиот универзитет во Република Македонија брои 11 студенти од кои, МОН стипендираше 5 студенти со по 5000 евра, а втората генерација ја сочинуваат 13 магистри од кои 5 добија целосна стипендија од 5000 евра, 3 студенти добија стипендија од 2.500 евра, а останатите 5 добиваа стипендија од Франклин универзитетот во износ од 25% од вкупните трошоци за студирање.
На настанот присуствуваа ректорот на универзитетот “Св. Климент Охридски“, проф. д-р Сашо Коруновски, претставникот на Франклин Универзитетот од Охајо, проф. д-р Коди Кенл и директор на МБА студиите на подружницата на Франклин Универзитетот од Охајо во Република Македонија, Никола Димески, кои изразија задоволство од соработката чиј плод се високо квалификуваните магистри кои во Македонија успеаа да добијат американска диплома.