Костадиновски: Интересот за проектот „Од град во село, за нов почеток“ е голем

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски истакна дека овој проект е воведен се со цел да се заживеат селата кои имаат помалку од 500 жители. Овој проект е наменет за лица кои претходно мигрирале од село кон град и се уште имаат имот на село, но и оние кои мигрирале од село во град и не го задржале имотот и невработените лица од град.

„Ќе понудиме исклучителен пакет на мерки кој се состои од парични средства за купување, изградба и нова или реконструкција на стара и веќе постоечка куќа на село, бесплатно државно земјоделско земјиште за работа, и користење на бројните мерки кои преку програмите за рурален развој им стојат на располагање на земјоделците. Како на пример субвенции за набавка на земјоделска механизација, еднократна парична помош во рок од 18 месеци, 80% поддршка за изградба на системот капка по капка, 80% поддршка за набавка на вископриносен добиток , изградба на бунари, бесплатни пасишта за сточарите и редица други поволности“, рече Костадиновски.

Граѓаните кои што имаат желба да му се вратат на македонското село со оваа мерка, како што образложи Костадиновски, ќе добијат неповратни средства од 6.000 евра за купување, изградба или реновирање на куќа на село, бесплатно државно земјоделско земјиште до 3 хектари, еднократна месечна субвенција од 15.000 денари во траење од 18 месеци или вкупно 270.000 денари, задолжителни обуки за претприемништво за започнување за водење на бизнис, а на располагање ќе им бидат и земјоделски советници.

Достапна ќе биде и мерката за помош од 10.000 евра за млади земјоделци како и 50% финансиска поддршка за набавка на трактори и механизација, како и подигање на лозови и овошни насади. На корисниците ќе им стои на располагање и можноста за здружување во задруги каде што ќе добијат за 7 или 15% повисоки субвенции, а целосно ќе можат да ги користат и сите мерки преку ИПАРД програмата која покрива 50% од трошоците за инвестиции во земјоделството.

„Предност за искористување на овој проект ќе имаат оние што се во брачна, семејна заедница и кои што имаа повеќедетно семејство, лицата кои што се невработени или оние лица на кои максималниот месечен приход по семејство не поминува повеќе од 32.173 денари“, рече Костадиновски.

Заменик министерот посочи дека корисниците на проектот „Од град во село, за нов почеток“ ќе имаат обврска 10 години да не го отуѓуваат имотот и да не ја намалат неговата почетна вредност. Со тоа што ти ќе треба да останат да живеат на село најмалку 15 години по започнување на користење субвенциите.

Со цел да се одбегнат злоупотреби, ќе бидат формирани и комисии кои ќе вршат надзор на спроведувањето на самиот проект и проверки на терен.