Денес, на 19.09.2016, во просториите на ЕУ Инфо Центарот се одржа отворањето на настанот на ИПА проектот за пос- средно образование. Денешниот настан е по повод отпочнувањето на проектот „Поддршка на модернизацијата на системот за пост – средно образование”.
Проектот се реализира во рамки на Четвртата ИПА компонента – Развој на човечки ресурси.
Присутен на настанот беше министерот за образование и наука, м-р Пиштар Лутфиу, претставникот на Делегацијата на Европската унија, Никола Бeртолини, Амбасадорот на Република Полска, Јацек Мултановски, проектните лидери, Агнешка Штон Доминик од Институтот за oбразовни истражувања од Врашава, и Дана Бишкоска, раководител на одделение при Министерството за образование и наука.
Министерот Лутфиу ја истакна поддршката за модернизацијата на системот за пост-средно образование и наведе дека следните 6 месеци ќе бидат интензивни и доста значајни, пред се затоа што идните насоки за реформирање на македонското пост-средно образование ќе се зацртаат во ревидираната Концепција за пост-средно образование во која ќе се предвиди активно учество на социјалните партнери и целосно усогласување со Националната рамка за квалификации.
Докажаната стручност на луѓето од Институтот за образовни истражувања од Варшава, во рамки на проектот “Понатамошно подобрување на системот за развој и имплементација на Националната рамка за квалификации” обезбедува гарација за добра координираност и посветено работење кон исполнување на резултатите. Министерот за образование и наука исто така ги нагласи и големите вложувања кои се направија во стручното образование и обука односно сите ученици и лица кои сакаат да се вратат во образовниот процес со вложување во пост – средното образование ќе се здобијат со соодветни вештини.
„Пост-средното образование ги засилува овие можности и верувам дека споделувањето на искуствата од Полска ќе изградат основи за идни инвестиции во оваа сфера во рамки на ИПА 2 помошта. Со цел да се исполнат сите зацртани резултати потребна е посветена работа на Одделението за средно образование, на Одделението за национална рамка за квалификации, на Секторот за високо образование, Центарот за стручно образование и обука, Центарот за образование на возрасни, Бирото за развој на образованието кои верувам дека целосно ќе соработуваат со бизнис заедницата, синдикатите и други релевантни страни како што се Министерството за труд и социјална политика, и Агенцијата за вработување, и се разбира најзначајните институции кои нудат пост-средно образование, средните стручни училишта, провајдерите и високо образовните институции“ изјави министерот за образование.
Министерот Лутфиу на сите им посака успешна работа следните шест месеци.