Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денеска во Берлин учествува на „Инотранс“, најголемиот саем за железнички транспорт во светот.
Целта на учеството на саемот, според министерот за транспорт и врски, е да се претстават македонските транспортни капацитети и планови, да се добијат информации за технолошките новини во железничкиот сообраќај и да се разговара со можни партнери и инвеститори за унапредување на македонскиот пред се железнички транспорт.
„Денеска многу земји посветуваат особено внимание на железничката инфраструктура, а овој саем е посветен исклучиво на делот на железницата. Имаме можности во преку честириесетина хали да ги видиме сите оние можности што ги нудат различни компании во светот, она што се произведува, она што е поново во технологијата, како и воспоставување на понови стандарди. Ние вложуваме многу како Република Македонија, веќе набавивме нови возови и уште сме во процес на пристигнување на нови возови. Вложуваме во сите фази на железницата односно градиме пруги, ги реконструиравме железничките станици, но друг сегмент е технологијата односно дигиталната сфера што е многу за целиот регион но и интерконтинентално, затоа овие средби се многу важни. Со ова размена на искуства Македонија добива, затоа со моите колеги од „Македонски железници“ ќе ги посетиме сите оние компании што утре би можеле да дојдат во Република Македонија, да имаат интерес за добар дијалог а од друга страна добро е и за самите инвестиции во Македонија“, вели за МИА министерот Мисајловски.
На „Инотранс“ годинава изложуваат 2.761 компании од 54 земји од кои 1.669 се странски фирми, а останатите се од Германија. Годинава организаторите очекуваат над 140 илјади претставници на бизнис секторот и граѓани да го посетат саемот кој е поделен во 5 сегменти: железничка технологија, железничка инфраструктура, јавен транспорт, внатрешно уредување на транспортни средства и изградба на тунели.
„Ова е саем каде што можеме да ги видиме сите развојни технологии и индустрија во железничките сообраќај, каде што „Макеоднски железници“ можат да ја зголемат соработката од аспект на можностите и потребните кои што ги имаме со набавка на новите патнички возови и новите патнички вагони , како и вагоните од товарниот сообраќај. Ова е вистинско место каде што „Макеоднски железници“ ќе контактираат со огромен број деловни партнери и деловни пријатели, и исто така во поглед на сите оние потреби кои што ги имаме на регионално и на пошироко ниво“ вели за МИА директорот на „Македонски железници – Транспорт“ Никола Костов.
Глобалниот собир на лидерите во железничкиот сообраќај во Берлин денеска го отворија европската комесарка за транспорт Виолета Булц, и германскиот министер за транспорт и дигитална инфраструктура Александер Добринт.