Во Струга се одржува обука за спасувачи на вода

Конзорциумот составен од цивилните заштити на Словенија, Хрватска, Германија, Шведска, Италија, Невладината „Студиаре Свилупо“ од Италија и Дирекцијата за заштита и спасување, организираат обука за спасувачи на вода. Обуката се одржува во Струга, а на истата учествуваат цивилните заштити на Албанија, Косово, Турција и Македонија.

„Целта на овој проект е соработка со цивилните заштити на Косово, Албанија, Турција и Македонија каде по завршувањето на оваа обука треба да се формира еден тим од 44 припадници каде истите би се користеле за спасување во нашите држави, но и на барање на друга држава на која и е потребна помош. Овој проект е започнат 2015 година, а треба да заврши во октомври 2016 година.“ – изјави за WebOhrid, Ивица Наумовски од Дирекцијата за заштита и спасување. 

Со проектот се спроведени следните фази: Одржани се планирачки конференции за подготовка за спроведување на овој проект; Набавка на опрема за спасители, чамци со вонбродски мотори, радиостаници, лаптопи и друга техничка опрема; Доставување на оваа опрема до цивилните заштити на Косово, Албанија, Турција и Македонија; Обука за спасување на мирни и диви води на спасувачите и Учество на меѓународна вежба која ќе се одржи во Хрватска во средината на Октомври оваа година.

Покровител на оваа активност е Механизмот за цивилна заштита на Европската унија, а се спроведува во организација на Конзорциумот составен од цивилните заштити на Словенија, Хрватска, Германија, Шведска, Италија, Невладината „Студиаре Свилупо“ од Италија и Дирекцијата за заштита и спасување.

WebOhrid