Успешно заврши 31. Светско воено првенство во борење

„Вашите спортски постигнувања, вашиот спортски дух и демонстрирани високи вредности на воена чест и гордост, како и вашата посветеност и поддршка го направија ова првенство и импресивно и успешно“, заклучи денес министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски во своето обраќање на свеченото затворање на 31. Светско воено првенство во борење кое се одржа оваа недела во Скопје.

Министерот Јолевски посочи дека спортските натпревари, но и меѓусебното дружење и пријателства се придонес кон подобар и побезбеден свет. „Чест ни беше да бидеме ваши домаќини. Се надевам дека гостопримството на граѓаните на Република Македонија ќе го паметите целиот свој живот“, додаде Јолевски.

Полковникот Нелсон Лопез се заблагодари на домаќинот и организатор за беспрекорната организација на 31.Светско воено првенство во борење и како знак на благодарност додели медали од Меѓународната федерација на воени спортови на министерот Јолевски, началникот на ГШ на АРМ, генералот Величковски, државниот секретар во МО, Чуповска Ристова и директорот на ГШ на АРМ, генералот Петровски. Армијата на Република Македонија, пак, додели значки за пријателство и соработка.

На светското воено натпреварување учествуваа над 420 спортисти од 32 земји од 4 континенти. Учесниците се бореа во слободен и грчко-римски стил во повеќе тежински поткатегории.