Воспоставувањето на двата нови регистри за обезбедени трансакции и функционирањето на проектот „Тендерско досие“ биле главни теми на разговор при денешната посета на министерот за финансии Кирил Миновски на Централниот регистар на Република Македонија.
„Министерот Миновски ја поздрави успешната работа на Централниот регистар како клучен за реформскиот процес во делот на подобрување на бизнис-климата во Република Македонија и ја истакна улогата што ја има оваа институција во олеснувањето на условите за водење бизнис и во зголемувањето на сигурноста во правниот промет“, соопшти по посетата Централниот регистар.
Директорот на Централниот регистар, Андреа Поповски, кој детално го брифирал министерот за реализираните и тековните проекти што произлегуваат од програмата на Владата, нагласил досегашната плодна соработка со Министерството за финансии како клучен фактор за спроведување на реформите и унапредување на процесите опфатени во делокругот на работа на Централниот регистар.
„Министерот и директорот се заложија за понатамошна успешна соработка во насока на исполнување на барањата на граѓаните и на бизнис-заедницата, со цел спроведување на владините политики за унапредување на условите за водење бизнис,“ се вели во соопштението.