Честитка од претседателот Иванов по повод големиот еврејски празник Рош Хашана

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Рош Хашана, односно започнувањето на еврејската Нова година, упати честитка до претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, г-ѓа Берта Романо-Николиќ и до припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија.

„Почитувана г-ѓo Романо-Николиќ,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви го честитам големиот празник Рош Хашана.

Празникот кој го означува „почетокот на годината” според старите еврејски верувања претставува и „празник на раѓањето на светот”. Во себе, тој ја содржи симболиката на новиот почеток, но и присетување на минатото и молитвата за покајание и простување.

Одвојувајќи се од старата и започнувајќи ја новата година, на празникот, верниците преку молитва бараат прошка и покајание надевајќи се на нов почеток со желба за просперитет и благосостојба.

Славејќи ги празниците да си споменеме дека треба да се издигнеме над себеси и искрено да споделиме со оние кои немаат и на кои им е потребна помош. Затоа да останеме обединети во промовирањето на вистинските вредности, водени од меѓусебна доверба и почит.

На крајот дозволете Вам, лично, и на сите верници, да ви посакам претстојните празнични денови да ги прославите во согласност со повеќевековната традиција, во семеен мир и добросостојба.“– се вели во честитката.