Претстава за Анри Динан во рамки на ПХВ неделата

Во рамките на Националната програма на Црвен крст на Р.Македонија, Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ), која 18 години се спроведува во Македонија, младите учат за културата како систем на вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно опшество, и при тоа се поттикнати да бидат активни и да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата.

Секоја година покрај обуката за дисеминација 1200 младинци од цела Македонија на возраст од 13 до 17 години добиваат и обука како да изработуваат мали проекти за добробит на своите заедници. Оваа година, од страна на младинците учесници во ПХВ циклусот 2016, изработени се 184 мали проекти преку кои им е директно помогнато на околу 4000 лица.

Имајќи ја предвид Стратегијата 2020 на Црвениот крст на Р. Македонија, во која третата стратешка цел е унапредување на социјалната вклученост и култура на ненасилство и мир, од пред 4 години е воведена нова недела во традиционалниот календар на активности, недела на Промоција на хумани вредности, од 21-27 септември.

Оваа година во рамките на одбележувањето на ПХВ неделата ќе се организираат театарски претстави со наслов “Приказна за една идеја”. Преку претставата заедницата ќе се запознае со ликот и делото на Анри Динан, човекот кој ја формирал организацијата на Црвениот крст. Преку 30 претстави ќе се случуваат во земјата и голем број на родители, соученици, професори, ќе имаат можност да ја проследат и да ја видат креативноста на нашите младинци. На овој начин младите кои ги спроведувале проектите ќе им се заблагодарат на сите оние кои се вклучија и ја дадоа својата поддршка за реализација на малите проекти. Настанот во Охрид ќе се случува на 06.10.2016 (четврток) во 20 ч. во големата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“. Влезот е слободен.

„Преку тетарот младинците ќе испратат порака за разновидноста на културите и толеранцијата, дијалогот и соработката, взаемната доверба и разбирање кои се меѓу најдобрите гаранции за мирот и соживотот, а ние како претставници на Црвен крст имаме одговорност да дејствуваме.“– велат од Црвен крст Охрид.

plakata-pretstava

ПХВ програмата во 2016 година се спроведува со поддршка од програмата Цивика Мобилитас (CIVICA Moblilitas). Ова е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), која ја спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска.