Во рамките на Програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура, завршија годинашните активности за археолошки истражувања на Самуиловата тврдина во Охрид, кои се изведуваа покрај источниот и преградниот бедемски ѕид во јужната половина од цитаделата.
Со овие зафати, кои ги реализираа стручни екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, беа дооткривани градежните структури од еден објект од османлиското средновековие, делови од калдрма со интензивен слој од остатоци од согорување.
Во релација со откриените градежни структури, евидентиран е богат движен археолошки материјал кој се состои од керамика, монети, делови од оружје, орудија и др. Пишаните историски извори, преданијата и откриениот движен и недвижен археолошки материјал потврдуваат дека на истражениот простор постоел селамлак на Џеладин-бег, кој бил подигнат во 1808 година, а опожарен околу 1838 година.
Исто така, стручни екипи на Заводот и музеј од Охрид ги завршија и активностите за конзерваторско-реставраторски работи на Самуиловата тврдина, комплекс Горна порта.
Со проектот, за чија реализација од буџетот на Министерството за култура се издвоени речиси девет милиони денари, со акцент на извршување максимални конзерваторски работи и реконструкција на бедемското платно, се спречуваат од понатамошно пропаѓање ѕидовите од подградието на Самуиловата тврдина. Овие активности претставуваат дел од поголем проект почнат уште во 2001 година, целосно финансиран од Министерството за култура и Владата на Република Македонија, со што се обезбедува долговечност на овој исклучително значаен споменик на културата.