Започна реализацијата на проектот „Таеквондо за секого“

Македонската таеквондо федерација втора година по ред започна со реализација на проектот „Таекводно за секого“, за што доби поддршка од страна на Агенцијата за млади и спорт во висина од 40.000 денари.

Целта на проектот е децата од основните училишта да се запознаат со овој олимписки спорт, кој во нашата земја има долга традиција, а во последниве неколку години бележи и одлични резултати на меѓународната спортска сцена. Најсвежи се одличните настапи на нашата репрезентација на неодамна завршеното Балканско првенство, каде освоивме вкупно 13 медали, од кои и првиот златен медал во сениорска конкуренција.

Претседателот на МТФ, Борче Костовски најави дека во секое одделение од ова училиште ќе се одржи еден училишен час по таекводно, од страна на лиценцирани тренери,а ќе бидат присутни и репрезентативци кои заедно ќе тренираат со децата. Во следниот период ќе бидат посетени 10 основни училишта на територијата на Град Скопје, во насока на промоција и афирмација на овој спорт.

Директорот на АМС, Спасески ја поздрави иницијативата на МТФ и порача дека Агенцијата за млади и спорт ќе продолжи со поддршката на сите проекти кои ќе значат популаризација, омасовување и развој на македонскиот спорт.