Средба на претседателот Иванов со Епископ Тихон, Викар на Патријархот московски и на цела Русија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид го прими Епископ Тихон, Викар на Патријархот московски и на цела Русија, кој престојува во посета на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за односите меѓу Македонската православна црква-Охридска архиепископија и Руската православна црква, како и за севкупните состојби во православието.

Претседателот Иванов ја истакна потребата од натамошно интензивирање и збогатување на односите меѓу Македонската православа црква-Охридска архиепископија и Руската православна црква како и воопшто на релациите помеѓу македонскиот и рускиот народ, кои ги поврзува богата заедничка историја.

Во тој контекст, македонскиот претседател ја потенцираше мисионерската и учителска улога на многубројните просветители кои доаѓаат од овие простори во културниот развој на сите словенски народи.

На средбата Епископ Тихон пренесе поздрави од патријархот на Руската Православна Црква, Кирил I до претседателот Иванов и истакна дека Охрид и Македонија имаат значајна улога во ширењето на православието.