Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во септември 2016 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.2, а индексот на цените на мало 99.8.
Порастот на индексот на трошоците на животот од 0.2% во септември 2016 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на свежиот и разладен зеленчук освен компирот за 2.6%, јајцата за 2.4%, компирот за 1.3%, месото, рибата, морските плодови и замрзнатото овошје за 0.7%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0.5%, сувото овошје, јаткастите производи и алкохолните пијалаци за 0.3% и сушеното, соленото и чаденото месо за 0.2%.
Во септември, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај гасот за домаќинствата за 3.7%, течните горива за домаќинствата за 3.2%, течните горива и мазива за 2.4%, средствата за чистење и одржување на станот за 2.0%, здравствените услуги за 1.5%, ветеринарните и другите услуги за домашните миленици за 1.2%, книгите за 0.9%, другите лични предмети за 0.7%, мебелот и малите електрични апарати за домаќинствата за 0.8%, материјалите за одржување и поправки на станот за 0.6%, угостителските услуги за 0.5%, цврстите горива за домаќинствата за 0.3%, услугите за лична хигиена, накитот и часовниците за 0.2%.
Намалување на индексот на трошоците на животот во септември 2016 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај оризот и полномасното млеко за 1.1%, изнутриците за 0.5%, другите прехранбени производи за 0.4% и свежото и разладеното овошје за 0.3%.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 15.2%, туристичките пакет-аранжмани за 10.6%, услугите за сместување за 6.4%, болничките услуги за 6.1%, велосипедите за 0.7%, обувките за 0.5% и лековите за 0.2%.
Индексот на трошоците на животот во септември 2016 година, во споредба со септември 2015 година, бележи пораст од 0.2%, а индексот на цените на мало бележи пораст од 0.5%.