АРМ побогата за 25 потпоручници, нова класа од 29 питомци на Воената академија

На денешната свеченост во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, промовирани во потпоручници беа 35 питомци, од кои 25 во редовите на Армијата на Република Македонија, по три за вооружените сили на Црна Гора и Босна и Херцеговина, и четири за Косово. Свечена заклетва, пак, додоа 29 питомци, од 20. класа на Воената академија, која повторно ја задржа својата регионална димензија – 20 од нив се запотребите на Армијата на Република Македонија, четворица за Босна и Херцеговина, тројца за Црна Гора и двајца за Косово.

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски, во своето обраќање посочи дека високото образование на секој млад човек претставува незаборавен период посветен на стекнување знаења и вештини, но и стекнување на долготрајни пријателства. „На Воената академија имате неповторлива можност да учите од најдобрите професори и инструктори, да се стекнете со најсовремените знаења и вештини и да се оспособите за критичко размислување“, додаде министерот. Тој рече дека стекнатите лидерски способности се потребни на земјите од кои доаѓаат питомците, кои седејќи заедно во исти клупи придонесуваат и кон зајакнување на соработката и мирот во регионот.

Воедно, министерот Јолевски посочи дека военото образование е приоритет за Министерството и Армијата и во тој контекст спомена дека веќе започна да се применува размената на студенти со воените универзитети на земјите членки на НАТО. „Минатата година ја имавме првата група на двајца студенти кои што поминаа еден семестар на универзитетот ’Норвич’, а оваа година добивме понуда за пет студенти да поминат еден семестар на Западниот универзитет во Ново Мексико, САД“,информираше министерот.

Деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски наброја дел од успесите на Академијата во изминатата година, меѓу кои и фактот дека за прв пат функционирале трите циклуси на студии, како и дека со поддршка на Министерството и Генералштабот на АРМ успешно бил реализиран седмиот меѓународен „Летен кампус“ со учество на над 200 питомци и студенти од рекорден број држави досега.

Претставниците од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово се заблагодарија за можноста нивни питомци да се школуваат на Воената академија и посочија дека со тоа се потврдува реномето на академијата како врвна високообразовна институција во регионални рамки, чии студии се базираат исклучиво на квалитет, знаење и дисциплина.