Доделени наградите за најдобри брзорастечки фирми „Газели“

Македонија е прва држава во регионот која воведува ваква награда која е поддржана од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Р. Македонија со Бизнис конфедерацијата на Р. Македонија и Холандската програма за поддршка на работодавачите како проектни партнери.

Целта за воведување на оваа награда е да се промовира позитивното и успешно работење на малите и микро компании и да се поддржи нивниот понатамошен развој со зголемување на бројот на работни места и нивно прераснување во средни компании.

Заменик министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов истакна дека во Р. Македонија, микро и малите компании успешно работат и се развиваат, а државата преку конкретни чекори го поддржува нивниот раст.

„Како Влада од секогаш сме ориентирани за цврста соработка со бизнис секторот, работодавачите и заеднички создаваме клима на доверба. Ваквата определба потекнува од нашата стратешка заложба за намалување на невработеноста, така што поттикнуваме одржливост, знаење, квалитет, постоење и развој на малите и микро компаниите“, рече Спасов.

Од тие причини,додаде тој, ја формираме и мерката за поддршка на брзорастечките компании, наречена „Газели“ со која 10 мали и микро компании финансиски ќе се стимулираат за понатамошен нивни развој и отворање на нови работни места .

Спасов посочи дека за развој на овие компании биле креирани и други мерки следејќи ги потребите на самите работодавачи и тоа проектот „Македонија вработува 2“, неповратни грантови во опрема и материјали , поволности за субвенционирано вработување на ранливи категории на невработени лица и најразлични обуки за создавање на квалификувана работна сила.

Амбасадорот на Холандија во Р. Македонија Ваутер Пломп рече дека Холандија на многу начини ја поддржува Р. Македонија посебно кога станува збор и за приватниот сектор. Таа соработка резултирала со повеќе заеднички обуки, програми и настани како и изборот на десетте најдобри брзорастечки фирми „Газели“.

„Овие 10 „Газели“ се најбрзите газели во Македонија. Малите и средни претпријатија се оние кои ја движат економијата напред и треба да бидат поддржани, тие играат централна и главна улога. 98 % од компаниите во Р. Македонија се мали и средни претпријатија и тие придонесуваат за развој на силно претприемништво, подобрување на производството и обезбедување на работни места“, рече Пломп.

Жан Мари Стандард, од Холандската програма за поддршка на работодавачите која соработува со Конфедерацијата на работодавачи на Македонија истакна дека земјава е прва во регионот што воспоставува ваква награда и изрази надеж дека таа ќе стане традиционална.

„Развојот на вештините квалитетот на работната сила, обуките…треба да претставуваат една постојана агенда на работодавачите и владите со цел да успеат да добијат компетентна работна сила и да привлечат нови инвеститори“, рече тој.

Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи Миле Бошков истакна дека од исклучителна важносет е малите компании да се научат да вложуваат во развој на бизнисот, со цел, како што рече да обезбедат сопствен раст, со кој, како што потенцира, да влијаат и на растот на економијата во државата.

Смета дека е битна и опремата за работата и развојот на една копмпанија, но како што рече, исто толку важно е и да се работи на обука и развој на вештините на вработените бидејќи тие се капитал на компаниите.

За најдобри брзорастечки компании „Газели“ во Р. Македонија оваа година се избрани компаниите: „Пајдаков“, „Велекоб транс“, „Темов“, „Мултитекс“-Битола, „ Бисера Комерц“, „ Стара фурна“, Кожа-Мак“, „ Лајонис“, „Иборнет“ и „Унипласт“.