Германски „Костал“ стартуваше со производство во Охрид

Германската компанија „Костал“ и официјално стартуваше со производствени активности за технолошко напредни и иновативни производи во областа на автомобилската индустрија. Станува збор за „браун-филд“ инвестиција со производствена линија што ќе функционира во рамки на поранешните производствени капацитети на „ЕМО“ кај Охрид.

Претседателот на „Костал групацијата“ Андреас Костал на денешната свеченост со која беше означен стартот на производствената инвестиција, истакна дека прагматичноста и интелигенцијата кои ја детерминираат економската политика на Република Македонија била една од причините за нивната одлука да отворат своја филијала во Охрид.

„Навистина имавме одлична поддршка од Владата и државните институции во реализирањето на овој проект. Единствено преку таква поддршка беше можно за помалку од една година да дојдеме до степен на почеток на производство. „Костал“ во македонските филијали за наредните десет години планира да известира 30 милиони евра, и на подолг рок, независно автоматизацијата на производствениот процес, да креира 800 работни места“, рече тој притоа поздравувајќи ги поволностите што преку реформските политики Република Македонија им ги нуди на странските инивеститори.

Претседателот на Владата за спроведување на изборите, Емил Димитриев, во обраќањето пред присутните на свеченоста истакна дека отворањето нови работни места и пуштањето нови производни погони се најдобра празнична честитка за граѓаните на Македонија.

„Благодарение на мерките и политиките на Владата, „Костал“ донесе одлука своето производство да го прошири и тука во Македонија. Она што радува е што зацртаните планови на компанијата етапно и со сигурност се исполнуваат, за што е потврда и денешниот настан и почетокот на производството на „Костал Македонија““, рече тој, израувајќи уверување дека како и досега и во иднина ќе следи успешна реализација на предвидените планови на компанијата, со нови инвестиции што ќе значат и нови вработувања и можности за кариера на населението од околните градови и помалите населени места.

Јури Маклакхов, директорот на „Костал Македонија“ ДООЕЛ Охрид, се надоврза со појаснување дека отворањето на овој производствен погон во „ЕМО“ е само почеток на присуството на „Костал Групацијата“ во Македонија.

„Во текот на изминатите девет месеци компанијата „Костал“ во Македонија има инвестирано околу четири милиони евра, вработувајќи 48 лица од Охридско-струшкиот регион. До крајот на оваа година планираме да вработиме околу сто луѓе и инвестиција од околу шест милиони евра. Покрај адаптација на погонот, инвестиравме и во неопходна стручна обука на вработените во Ирска и Германија. Нашиот тим веќе е вклучен во производството на електронски и мехатронски производи за „БМВ“, „Порше“, „Дајмлер“ „Форд“ во нашата македонска фабрика,“ истакна Маклакхов.

Директорот на ДТИРЗ Виктор Мизо, изрази задоволство што „Костал“ после направените детални анализи и истражувања на инвестициските услови во земји како Бугарија, Србија, Молдавија, Белорусија и Турција, како најповолна дестинација ја избрал токму Македонија и Охридско-струшкиот регион.

„За нас како Дирекција на ТИРЗ особено беше важно што преку овој начин ќе заживее дел од комплексот на поранешен „ЕМО“, каде голем број охриѓани ги почна и завршија своите кариери, притоа решавајќи да ги учат техничките науки поради можностите што ги нудел „ЕМО“. Во „Костал“ се, а и понатаму ќе бидат анагажирани дел од поранешните вработени во „ЕМО“, како еден од важните услови кога „Костал“ се одлучи да инвестира токму на овој регион“, рече Мизо.

Тој додаде дека во комплексот на „ЕМО“ ќе биде формирана индустриска зона, каде освен „Костал“ и други потенцијални инвеститори ќе работат на „браунфилд“ инвестиции во постоечки адаптирани капацитети. Тоа, според Мизо, ќе придонесе и за развојот на локалната екомонија преку потенцијална соработка со локални компании и пред се со соработката со општинските технички училишта и Универзитот за технички науки „Свети Апостол Павле“ како извор на потенцијален кадар за потребните на компаниите што инвестираат тука.

На церемонијата на ставањето во погон на производствениот капацитет на „Костал“ во Охрид приуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој меѓу другото истакна дека се работи за реализација на едно од ветувањата дадено кон граѓаните на Охрид, за отворање нови работни места.

„Ова е едно од нашите залагања, да се донесат нови компании што ќе отворат нови работни меса во Македонија. Тој процес успешно се одвива и не е случајно што стапката на невработеноста изминатите десет години постојано опаѓа. Во изминатиот период од десет години секој квартал имаме опаѓање на невработеноста, од 38 на некаде 24 проценти“, рече Груевски.

Компанијата „Костал“ постои веќе сто години, а од семеен бизнис прерасна во една од четирите водечки фирми во светски рамки што произведуваат електронска и мехатронска опрема за најпознатите светски автомобилски компании. Во 1973 година компанијата за првпат отвора своја филијала надвор од Германија, така што денес „Костал“ има околу 17 илјади вработени во 46 производствени капацитети во 21 држава на четири континенти.