Најмладите од градинката во Велгошти ја посетија библиотеката во ОУ „Живко Чинго“

Најмладите од ЈОУДГ „Јасна Ристеска” од објектот во Велгошти, денес ја посетија училишната библиотека при ОУ „Живко Чинго” во с.Велгошти.

Посетата се реализира со цел, дечињата од мали нозе да развијат љубов кон книгата. Тие имаа можност да се запознаат со начинот на работење на училишната библиотека, ги разгледуваа многубројните книги, лектири и сликовници со кои што располага библиотеката.

За време на посетата библиотекарката Снежана Стојановска им ја прочита сликовницата „Грдото пајче“, која децата ја следеа со големо внимание.

На крај на посетата следуваа и прашања кои ги поставуваа љубопитните дечиња.

WebOhrid