Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска со 106 гласа „за“ го избра обвинителот во македонското Обвинителството за организиран криминал, Јован Илиевски, за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Освен Илиевски, кандидати за судија беа и судијката од Уставниот суд, професорката Наташа Габер-Дамјановска, која добила 86 гласа, како и Звоимир Јанкуловски.
Претходно, Комисијата за избор на судии при ПССЕ, ги разгледа кандидатурите и имаше разговори со кандидатите од Република Македонија, по што до другите членови на ПССЕ, со тесно мнозинство гласови, предност ѝ даде на Наташа Габер-Дамјановска. Звонимир Јанкуловски, не доби препорака од Комисијата на ПССЕ.
Изборот на судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права денеска беше една од точките за која се расправаше на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Стразбур.
Извор: meta.mk
(Фото: Принтскрин)