Турските власти издадоа налог за апсење на 189 судии и обвинители во земјата во рамки на истрагата за неуспешниот државен удар од 15 јули, јавуваат турските медиуми.
Лицата се обвинети за користење на апликацијата „бајлок“, која, како што наведуваат властите, била средство за комуникација на пучистите.
Меѓу осомничените се претставници на министерството за правда, судии на Касациониот суд и на Државниот свет. Од судовите во Истанбул осомничени се 30 судии, а другите се од други градови во Турција.
Турската влада за организирање на пучот го обвини муслиманскиот свештеник Фетулах Ѓулен, кој во доброволен егзил живее во САД.
Повеќе илјади лица се притворени по неуспешниот државен удар во Турција, а десетина илјади вработени во државните институции се обвинети или суспендирани.
Извор: meta.mk
(Фото: Flickr)