За постигнување на врвни спортски резултати, секоја Олимписка спортска организација мора сериозно во генетиката да гледа како фактор кој има директно влијание врз перформансите на спортистите. Досегашните истражувања во однос на влијанието на генетиката во спортот треба да служат како патоказ за спортистите и тренерите, спортските клубови и Националните спортски федерации, како и за другите Олимписки и спортски организации, во кој правец треба да се насочи тренажниот процес и самиот тренинг.
Дали малите промени кај генетските фактори можат да влијаат врз спортските резултати? Дали други фактори можат да придонесат да дојде до промени во гените? Каква е состојбата со генетските истражувања во спортот? Дали гените можат да ни ги одредат/одстранат ризиците од повреди?
За да добиеме одговор на овие и други прашања од оваа сфера, а и во насока на унапредување на знаењето на спортските експерти од Република Македонија, Македонскиот олимписки комитет, на 22 Октомври 2016 година на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, за потребите на Националните спортски федерации, спортските клубови и другите Олимписки спортски организации во Република Македонија, ќе одржи семинар на тема „ГЕНЕТИКА И ДРУГИ ЕЛЕМЕНТИ ЗА УСПЕШЕН СПОРТСКИ РАЗВОЈ“.
Овој семинар, кој ќе го води Комисијата за наука и спорт при Македонскиот олимписки комитет.
Оваа активност е наменета за потребите на спортските клубови, Националните спортски федерации и за Олимписките спортски организации, за нивните експерти и стручни штабови кои се занимават со селекција и идентификација на млади талентирани спортисти како и за влијанието на генетиката врз резултатите на сениорите и сениорските репрезентации.
Македонскиот олимписки комитет за оваа активност ги замолува сите Национални спортски федерации да ги известат своите членки-спортски клубови, а учество на семинарот може да се пријави на е-маил: mok@mok.org.mk , најдоцна до 20 Октомври 2016 година.