Во рамките на својата балканска турнеја, актерите од Драмскиот театар од Скопје вчеравечер во преполниот салон на Народниот театар во Сараево, пред сараевската публика се претставија со претставата „Генетика на кучињата” во режија на Дејан Пројковски, по текст на Венко Андоновски.
Сараевската публика со бурен аплауз го поздрави одличниот настап на актерите Драган Спасов – Дац, Јелена Жугиќ, Роберт Вељановски, Рубенс Муратовски, Билјана Беличанец – Алексиќ, Дејан Лилиќ, Филип Трајковиќ, Драгана Левенска, Крсте Јовановски, Жарко Димоски, Никола Ацески, Гордана Ендронска, Игор Ангелов и Зоран Љутков.
По успешниот настап во Сараево, Драмскиот театар својата турнеја ја продолжува во Загреб, каде утревечер претставата „Генетика на кучињата“ ќе биде одиграна на сцената на Градскиот драмски театар Гавела, а на 17 октомври, пак во Белградскиот драмски театар.
Гостувањето на Драмскиот театар, на сцените во Сараево, Загреб и Белград е поддржано од Министерството за култура.