Што е важно за безбедноста на децата во сообраќајот?

Учењето за безбедноста на патиштата, практикувањето повисоко ниво на култура и одговорност во сообраќајот, е многу значајно за луѓето од сите возрасти, а посебно за децата. Секој одговорен граѓанин треба да биде свесен за сообраќајните правила и прописи и има обврска да ги почитува, затоа што се од голема важност за безбедното одвивање на сообраќајот односно за заштита на неговиот живот и здравје.

Кога станува збор за безбедноста на децата во сообраќајот едноставно јасно е правилото дека децата секогаш треба да внимаваат во сообраќајот а возрасните се одговорни и треба да ги чуваат децата од повреди и загуби во сообраќајот.

Обврска на возрасните е постојано, секогаш и секаде да се грижат за безбедноста на децата, како учесници во сообраќајот, без разлика дали се работи за сообраќај во градска средина, каде што децата се наоѓаат меѓу густ сообраќај со многу возила, многу пешаци, мотоциклисти и велосипеди, или се работи за сообраќај надвор од населено место-на пат или во рурална средина.

Однесувањето на децата во сообраќајот често пати е непредвидливо. Тоа значи дека не е возможно да се знае што точно ќе направат и како ќе се однесуваат кога ќе се соочат со одредена сообраќајна ситуација. Децата обично се плашливи и несигурни доколку се најдат во близина на возило што се движи кон нив. Во истиот момент реакцијата може да им е успорена и да се „закопаат“ во место. Ова ја прави ситуацијата уште полоша. Од друга страна, пак, децата се премали во однос на големината од возилата и со тоа им отежнуваат на возачите да ги видат. Дури и една празна улица може да претставува потенцијална опасност, а тие да не се свесни за тоа или да не знаат кои мерки на претпазливост треба да ги преземат.

Од друга страна, возачите на моторни возила, мотоцикли и скутери ја злоупотребуваат максимално-дозволената брзина во неселено место, во близина на училишта и во близина на градинки, а со тоа го загрозуваат животот на децата. Според статистиките и следејќи ги секојдневните случувања, може да се дојде до едноставен заклучок дека најголем број од сообраќајните незгоди во кои се вклучени деца се случени токму од возачи кои не ја прилагодиле својата брзина во близина на раскрсница или обележан пешачки премин.

Од аспект на безбедноста на детето како патник, особено важна е употребата на детското седиште. Застрашувачка е глетката кога детето слободно се „движи“ низ возилото. Дозволувајќи му го тоа, родителот ја загрозува неговата безбедност, односно го загрозува животот и здравјето на детето и тоа не го прави подобар родител. Само едно притискање на сопирачката може фатално да го повреди детето.

За безбедноста на децата во сообраќајот, исто така особено важен е слободниот пристап до училиштата и градинките. Преполните тротоари со паркирани возила го узурпираат слободниот простор по кој треба да се движат децата и мајките со колички, го отежнуваат движењето и пристапот до влезот на установите и децата се приморани да се движат по улицата, каде што веројатноста на нив да налета возило во движење е многу голема.

Со укажување на овие аномалии кои се дел од нашето секојдневие, РСБСП уште еднаш дава акцент на тоа што ние како возрасни граѓани треба да промениме во нашите навики, во нашиот животен стил, начинот на кој се однесуваме во сообраќајот, посебно како се однесуваме пред нашите деца, каков пример даваме и какви последици ќе произлезат од тоа, а со тоа да ја зголемиме безбедноста на нашите мали, најмили и најсакани.

Сите ние сме учесници во сообраќајот и нашите деца секојдневно се изложени на ризиците и опасностите во сообраќајот. Затоа РСБСП апелира: „ Да се заложиме сите заедно, да им ветиме на децата и да си ветиме сами себе дека ќе бидеме позитивен пример за најмалите и дека секојдневно ќе се заложуваме за нивна поголема безбедност, не само во сообраќајот, туку и надвор од него и не само за нашите деца и внуци, туку за сите деца и за многу генерации во иднина.