Заев: Децата да ни останат во Македонија, за тоа ќе се избориме!

Изјава,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Велес, 18.10.2016

„Денеска сме овде во Велес, да поминеме во Чаршијата, да го видиме народот, да го видиме малото и средно стопанство, во еден од многу важните градови во нашата Р.Македонија, центарот на нашата земја.

Секако тоа што го гледаме денес овде во Велес е сликата што ја гледаме секаде ширум цела Македонија. Денеска е пазарен ден во Велес, а некои од дуќаните едвај можат и сефте да направат заради тоа што кога беа нашинците тука во текот на летото, имаше и промет имаше и финансиско движење, сега кога заминаа, еве на почетокот од есента навистина е тешко. Едно е тешкотијата што се нема пари, сиромаштија голема, затворени фабрики, и таму каде што има плата тоа е минимално по 10.000, по 11.000 денари, се чувствува секаде по прометот, но големата болка е тоа што ни ги нема децата, ги нема младите. Велес е еден од градовите во којшто имаме огромна миграција на наши пред се млади луѓе коишто заминуваат насекаде по белиот свет. Тоа време мора конечно да заврши.

Најголемата болка на сите нас е нашите деца да останат овде. Јас имам ќерка средношколец, син во основно образование, мојот план како родител е децата да се запишат на високо образование овде во Македонија, кога ќе завршат да се вработат овде во Македонија, да основаат свое семејство овде во државата, да ги гледам и моите деца и моите внуци овде околу мене. Сигурно тоа го посакува секој родител за своето дете.

Јас го посакувам за сите наши деца, да останат овде, да гледаат живот овде во Македонија!
Тоа е нашиот план!
Имаме План за живот во Македонија!
Конечна цел на овој план е парите да ги вратиме назад кон граѓаните!

Ние заборавивме на луѓето! Сиве овие години на материјални вредности, заборавивме на нашиот народ, на граѓаните! Целта ќе биде парите по сите основи да се вратат назад кон граѓаните! Поддршката ќе дојде директно кон стопанството, домашното стопанство, кон домашните фирми со конечна цел да се подигнат платите каде што се сега 10.000, 12.000, да стигнат просечни плати од 30.000 денари. Да отвориме работни места за младите, за еден мандат 140 милиони евра имаме намера буџетски пари да вбризгаме во домашното стопанство. Младите луѓе да не бараат работа само по јавната администрација, да се обидат да станат сами свои газди. Ќе дадеме донации од 10.000 евра, а не да се задолжуваат младите. По 10.000 евра да основаат свој сопствен бизнис. Ќе ги ослободиме малите претпријатија од сите даноци во првите три години со конечна цел да вработуваат, да отвораат нови работни места. Државата е подготвена да се откаже од тие даноци, но ќе има нови плати.

Конечна цел ќе биде отворање на работни места овде во Македонија. Во севкупниот амбиент на креирање, мора да отвориме можност младите да гледаат своја иднина овде. Тој јаз на ниски плати, мора да го премостиме со повисоки плати и овде е неопходна државата, да дојдеме до една просечна плата од 30.000 денари. Четиричлено семејство со двајца родители и две деца со месечен приход од 1.000 евра, навистина достоинсвено ќе може да го креира својот живот овде во Македонија.

Тоа е Планот за живот во Македонија. Ние го промовираме насекаде и се надеваме дека ќе предизвика младите да останат овде, и дај Боже се повеќе млади да почнат да се враќаат во нашата земја. Јас тврдам дека тоа е можно. Јас водам општина дванаесет години. Јас сум политички и општествено активен веќе дваесет години. Македонија може да биде земја за почит и за достоинствен живот на сите граѓани.“– истакна Заев.